„Совршена комбинација е злато на ЕП и пласман на ОИ“

Хрватска на Европското првенство 2024 ќе го има 16-от настап на континенталните собири.

На минатото Европското првенство, кое се одржуваше во Унгарија и Словачка, репрезентацијата на Хрватска не успеа да обезбеди пласман меѓу најдобрите четири, заврши на 8. позиција.

Еден од носителите на играта во Хрватска, Иван Мартиновиќ, во разговор за „Спортске Новости“ ги истакна своите очекувања за настапот на неговата репрезентација на Европското првенство 2024.

Членот на Мелсунген е голем оптимист за Европското првенство, истакнувајќи дека совршена комбинација би била освојување на првото место и директен пласман на Олимписките игри во Париз.

,,Немамe многу време, но не смееме да го имаме истиот притисок како против Египет пред една година во Шведска кога ,,изгоревме” уште на стартот. Олимписките игри се сон на секој спортист, за мене Токио беше шанса која се уште боли. Го пропуштивме настапот на Олимписките игри во Токио поради еден гол. Секако дека совршена комбинација би било да го освоиме златото на Европското првенство и преку освоеното прво место да обезбедиме директен пласман на Олимписките игри во Париз”, изјави Мартиновиќ за „Спортске Новости“.

Хрватска на континенталниот собир во јануари за ривали во групната фаза ги има репрезентациите на Австрија, Романија и Шпанија.