Изминатиот викенд се одиграа три од четирите четвртфинални групи во Купот на Македонија. Пласман во завршницата обезбедија Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, а последниот патник ќе се решава во Автокоманда. Ако победниците и учесниците на завршниот турнир не беа изненадување, гледачите во спортската сала “Билјанини Извори” во Охрид беа сведоци на несекојдневен настан.
На голот на прволигашот Аеродром во дуелот со суперлигашот Тиквеш, застана младиот Давид Владичевски. Со само 13 години и 5 месеци тој е еден од најмладите голмани кои дебитирале во македонскиот ракометен куп.
Владичевски фудбалот го заменил за ракометниот гол, а веќе активно тренира и учестува на ракометни натпревари две години. Тој е дел од пионерската екипа на РК Аеродром која оваа сезона е без пораз во македонското првенство во групата Г.
Тиквеш го доби дуелот со Аеродром со резултат 41-30, а во продолжение можете да погледнете дел од одбраните на младиот Владичевски на овој натпревар.