Симиќ: Запаметете, догодина ќе се вратиме уште посилни!

Тиквеш загуби од австрискиот Кремс со 33-25 и доживеа елиминација од Европскиот Куп за оваа сезона.

Капитенот на кавадаречкиот тим, Страхиња Симиќ, се обрати на социјалните мрежи и вети дека догодина Тиквеш ќе се врати уште посилен.

„Вчера се заврши нашиот европски пат. Тажен и горд сум, веројатно тоа се вистинските зборови за да го опишам ова. Тажен сум бидејќи покажавме и докажавме дека сме способни за повеќе, а не го издржавме последниот удар, тажен сум поради шест натпревари во 14 дена. Сите си ја гледаа ‘својата страна’, тоа веројатно беше ‘поради интересот на македонскиот ракомет’. Но добро, знам дека следната сезона се гледаме на исто место и ќе бидеме спремни за сето ова. Горд сум на оваа екипа. Оваа ‘мала’ група на луѓе со години работи чесна работа, со години оди напред, од ден во ден се повеќе расте, оваа екипа можеби даде и повеќе од реалните можности. Капа долу и за нашата најголема поддршка ‘Лозари Исток’, за нашите навивачи кои поминаа многу километри за да не бодрат, искрено! Нашата приказна продолжува, а сето ова е само додатен мотив да бидеме уште посилни, уште повеќе да се држиме заедно и да го згазиме секој што ќе ни застане на патот. Догодина, на исто место, запаметете!“, напиша Симиќ.

Следен предизвик за Тиквеш ќе биде суперлигашкиот натпревар против Аеродром на домашен терен во Кавадарци.