Силен старт на шампионот Голден Арт, Охрид испушти победа кај Прилеп, Пролет се радуваше во Автокоманда

Со мечот во Свети Николе, кој го доби Бутел Скопје против Овче Поле, денеска се комплетираше втората рунда од машката младинска конкуренција. По поразот во првото коло од Мулти Есенс, избраниците на Дарко Јанев триумфираа со еден погодок разлика, 31-30, против незгодниот домаќин Овче Поле. Стрелец на победничкиот гол во последните секунди беше Петар Цветковски.

Актуелниот шампион Голден Арт имаше победнички старт кон одбрана на титулата и славеше против Еурофарм Пелистер 2 со 36-18. Најдобри стрелци во тимот на Филип Глигоров беа Петар Стојаноски со 11 гола и Кристијан Стаменковиќ со девет погодоци. За битолскиот тим, Димитар Вирловски постигна четири гола.

Младост Богданци немаше тешка задача против Еурофарм Пелистер и победата ја обезбеди уште по првото полувреме кога водеше со 25-13. Најдобри стрелци во тимот од Богданци беа Ѓорѓе Атанасов со седум и Антонио Николоски со шест погодоци, додека Владимир Ацковски даде десет гола за битолчани.

Прилепчани имаа херојски камбек и се изборија за бод против Охрид, 29-29. Иако гостинските ракометари водеа со 29-25 во финишот на мечот, не погодија до крајот, а примија дури четири гола. Охрид не успеа да погоди во последниот напад и мечот заврши нерешено.

Најдобри стрелци кај Прилеп беа Давид Трајкоски со седум, како и Филип Адамчески и Павел Лажоски со по шест гола. Во составот на Охрид, Никола Ристески беше најдобар стрелец со 12 погодоци.

Тимот на Пролет го забележа вториот триумф, откако славеше на гости во Автокоманда кај Алкалоид предводен од Љубомир Савевски, со убедливи 38-29. Андреј Ниновски и Михаил Тотиќ дадоа по седум погодоци, додека Андреј Стојановски беше стрелец на шест гола.

Младинска машка лига, 2 коло, резултати:

Прилеп – Охрид 29-29
Младост Богданци – Еурофарм Пелистер 34-28
Голден Арт – Еурофарм Пелистер 2 36-18
Мулти Есенс – Вардар 33-21
Алкалоид – Пролет 29-38
Овче Поле – Бутел Скопје 30-31
Тиквеш слоб.