Познати се финалистите на Европското првенство за младинци во Романија. За шампионската титула ќе се борат Шведска и Унгарија, додека Словенија и Данска ќе играат за бронзениот медал.
Швеѓаните останаа единствената непоразена селекција на турнирот, откако во полуфиналето ја совладаа Данска со 38-35.
Сканди-пресметката понуди вистинска ракометна драма, но Шведска во клучните моменти ја задржа предноста создадена пред паузата. Повторно блескаше голманот Виго Хокансон, кој уште еднаш беше меѓу најзаслужните за триумфот, додека Лијам Хултберг со десет погодоци беше прв стрелец на победничката селекција и беше избран за играч на натпреварот.
Во второто полуфинале Унгарија беше подобра од Словенија со 31-24 и за првпат по долго време ќе игра за европската титула во оваа возрасна категорија.
Унгарците уште во првото полувреме направија клучна разлика, а со цврста одбрана и сигурниот голман Ласло Варади Сабо, кој забележа десет одбрани, не дозволија Словенците да се вратат во игра.
Најефикасен кај победникот беше Мате Фазекаш со седум голови, додека кај Словенија блескаше Тјаж Шталекер, кој постигна дури 13 погодоци, но тоа не беше доволно за пласман во финалето.
Финалето меѓу Шведска и Унгарија ќе се игра на 19 јули со почеток од 18:30 часот, додека два часа претходно, од 16:00 часот, Словенија и Данска ќе се борат за бронзениот медал.
Интересно е што и Шведска и Унгарија беа освојувачи на медали и на Европското првенство до 18 години во 2024 година, а сега ќе имаат можност да се борат и за највредното одличје во генерацијата до 20 години.
























