Ракометниот сојуз на Црна Гора и Сузана Лазовиќ ја продолжија соработката, па актуелната селекторка и во следните две години ќе ја предводи женската репрезентација на Црна Гора.
Амбициите остануваат високи – Црна Гора сака да биде дел од европскиот и светскиот ракометен врв, а главната цел во новиот циклус ќе биде пласман на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Лазовиќ ја презеде селекторската функција во август 2024 година, а досега ја водеше репрезентацијата на две големи натпреварувања. На Европското првенство во 2024 и на Светското првенство во 2025 година, „лавиците“ го освоија осмото место.
Покрај резултатите, еден од важните сегменти во работата на Лазовиќ беше и приклучувањето на помлади ракометарки во сениорскиот состав. Целта е репрезентацијата да добива нова енергија и квалитет, без притоа да се загуби препознатливиот црногорски карактер.
Самата Лазовиќ по потпишувањето на новиот договор испрати јасна порака дека Олимпијадата е сон за кој вреди да се работи.
„Имаме две години да дадеме сè што имаме. Две години да работиме, да веруваме една во друга, да бидеме заедно не само кога е добро, туку и кога е тешко, да се бориме една за друга и да не се откажуваме кога не оди. Бидејќи нашата цел не е мала. Нашата цел е да сонуваме нешто навистина големо – Олимписки игри“, порача Лазовиќ.
Првиот голем предизвик за „лавиците“ во новиот циклус ќе биде Европското првенство 2026, кое од 3 до 20 декември ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција.
Црна Гора ќе игра во групата во Орадеа, каде за противници ќе ги има Унгарија, Словенија и Исланд. Место во главната рунда ќе обезбедат двете најдобропласирани репрезентации.
Црногорките предводени од Лазовиќ ќе бидат дел и од „Трофеј Македонија“ што ќе се одржи кон крајот на септември во Охрид.
























