Околу 17.000 дополнителни билети за Светското првенство во 2027 година во Германија од денеска се достапни во слободна продажба, што им дава нова можност на навивачите да обезбедат билети за натпреварите од прелиминарната и главната фаза.
До стартот на шампионатот остануваат помалку од пет месеци, а интересот е огромен. Досега се продадени околу 75% од вкупниот број достапни билети.
Maкедонија е во група со Исланд, Бахреин и Јапонија и своите натпревари ќе ги игра во „ГЕТЕК Арена“ во Магдебург.
Продажбата на новиот континенгет билет започнува денеска преку официјалниот билет-систем на шампионатот. Билетите опфаќаат натпревари во сите шест градови домаќини – Минхен, Магдебург, Штутгарт, Кил, Келн и Хановер, што значи дека во продажба има нови билети за мечевите на Македонија.
Во понудата се вклучени натпревари од сите групи во прелиминарната и главната фаза. Од оваа продажба се исклучени билетите за завршниот викенд во Келн. Поради големиот интерес за натпреварите на Германија, за тие мечеви е воведено ограничување од најмногу пет билети по лице за еден натпреварувачки ден.
„Имаме огромен интерес за билетите за Светското првенство на домашен терен. Веќе достигнавме 75% исполнетост, што покажува колкава возбуда владее пред почетокот на шампионатот“, изјави извршниот директор на Германската ракометна федерација, Марк Шобер.
Светското првенство ќе се одржи од 13 до 31 јануари 2027 година, а завршницата ќе се игра во Келн.
За натпреварите на Македонија нема веќе билети од најефтините категории, па цените почнуваат од 49 евра па нагоре. Билети може да се купат ТУКА.























