Македонскиот шампион Ѓорче Петров славеше со 23-21 во првиот домашен натпревар од Регионалната лига. Емилијана Ризоска со седум гола беше предводник на Ѓорче Петров до првата сезонска победа.
Ракометарките на Ѓорче Петров ги освоија првите бодови во новоформираната Регионална лига, откако на домашен терен ја совладаа Јагодина со 23-21. Победникот беше решен во возбудлива завршница, во која македонскиот шампион покажа поголема смиреност.
Ова беше прв домашен натпревар за Ѓорче Петров во премиерната сезона од регионалното натпреварување. Македонскиот тим претходно загуби на гостувањето кај Наиса со 19-16, па триумфот над Јагодина е прв во сезоната.
Јагодина го постигна првиот гол, но домаќинот брзо го презеде водството и во осмата минута поведе со 3-1. Следуваше израмнета игра, а Ѓорче Петров во 15. минута имаше предност од 7-5.
Тогаш домашниот состав влезе во криза. Јагодина направи серија од 5-0 и со целосен пресврт стигна до водство од 10-7 во 21. минута.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
Одговорот на македонскиот првак беше идентичен. Со головите на Губериниќ, Ризоска и Исиќ, Ѓорче Петров возврати со серија од 5-0 и поведе со 12-10. Јагодина го постигна последниот гол во полувремето, па домаќинот на паузата замина со минимални 12-11.
Во вториот дел Ѓорче Петров повторно се одлепи на три гола, 16-13, но гостинките не се предадоа. Јагодина со три последователни погодоци израмни на 16-16 во 40. минута и најави неизвесна завршница.
Во важните моменти одговорноста ја презеде Емилијана Ризоска. Таа постигна два последователни гола за предност од 19-16, а потоа Коцева двапати ја погоди противничката мрежа за 21-18.
Јагодина уште еднаш се врати и во 57. минута намали на 21-20. Армина Исиќ погоди за 22-20, но гостинките во последната минута повторно дојдоа на само еден гол негатива.
Сите дилеми ги разреши Ана Марија Коларовска. Таа го постигна последниот гол на натпреварот и ја потврди победата од 23-21.
Ризоска беше најефикасна во победничкиот состав со седум гола. Исиќ постигна четири, додека Вранчиќ и Коцева имаа по три погодоци. Губериниќ, Шубериќ и Коларовска по двапати се запишаа во листата на стрелците.
Кај Јагодина, Аџиќ постигна четири гола, додека Танасковиќ, Васиќ, Оташевиќ, Миладиновиќ и Телечки завршија со по три.
По два одиграни натпревари, Ѓорче Петров има една победа, еден пораз и два бода, со гол-разлика 39-40. Табелата во групата Б сè уште е некомплетна.
Следниот предизвик за македонскиот шампион е на 13 септември, кога ќе гостува кај црногорскиот состав Старс-Лавице-УДГ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
ЃОРЧЕ ПЕТРОВ – ЈАГОДИНА 23-21 (12-11)
Ѓорче Петров: Ризоска 7, Исиќ 4, Вранчиќ 3, Коцева 3, Губериниќ 2, Шубериќ 2, Коларовска 2.
Јагодина: Аџиќ 4, Танасковиќ 3, Васиќ 3, Оташевиќ 3, Миладиновиќ 3, Телечки 3, Марковиќ 2.

























