Екипата на Кирил Лазаров со победа ја отвори новата сезона во Супер Лигата, откако во првото коло славеше над повратникот во елитата – тимот на „витамините“ од Автокоманда со убедливи 38-28.
Избраниците на Кирил Лазаров од самиот почеток ја презедоа контролата врз натпреварот. Иако Лазаров често ротираше и испробуваше различни варијанти, победата на фаворитот во ниту еден момент не беше доведена во прашање.
Двете екипи играа во висок ритам, со брз ракомет, чести транзиции и постигнаа 66 погодоци.
„Постариот брат“ на одмор замина со предност од 16-11, а во второто полувреме дополнително го зголеми темпото и во еден момент стигна и до двоцифрена предност од 11 гола.
„Помладиот брат“, предводен од тренерот Никола Матлиески, не успеа да го загрози фаворитот, кој рутински го приведе натпреварот до крај.
Најефикасен во победничкиот состав беше Дамјан Митев со девет гола, додека кај „витамините“ најпрецизни беа Давид Трајкоски и Горазд Дамчевски со по шест погодоци. Голманот Ѓорѓи Николовски од тимот на Лазаров забележа девет одбрани и постигна два гола, додека Стефан Јорданов беше одличен на голот на противникот со дури 11 интервенции.

























