Шампионот одигра шампионски во последниот дел и славеше убедливо против Пролет

Актуелниот бранител на титулата, тимот на Еурофарм Пелистер, на незгодното гостување во Скопје кај Пролет ги освои планираните три бодови, откако триумфираше со 36:27 (15:13).

Еурофарм Пелистер со новите три бодови се врати на првото место на табелата, сега има 32 бодови на свое конто, додека Вардар, кој засега е второпласиран, има 30. До крајот од сезоната преостануваат да се одиграат уште три кола.

Избраниците на Александар Јовиќ до 40 минута им создаваа многу проблеми на гостите, посебно во првиот дел, во кој беа повеќе од рамноправен ривал.

Сепак, искуството и поголемиот квалитет пресуди во последните дваесетина минути, битолчани започнаа од минута во минута да ја зголемуваат предноста за конечни девет гола разлика.

Предводник во тимот на Еурофарм Пелистер повторно беше Филип Кузмановски, капитенот на битолчани во мрежата на домаќините постигна девет погодоци.

Во таборот на Пролет солиден настап имаше младиот Томислав Димковски со осум погодоци, а го следеше искусниот Доне Мајнов со пет реализации.