Сензација во Кожани и шок за Холандија, Романците ја добија драмата со Чешка

Селекцијата на Грција приреди мала сензација со тоа што ја совлада Холандија во првата бараж средба за пласман на СП 2025 со висока разлика од четири гола, 31-27, која ретко кој ја очекуваше.

Грците откако дебитираа на ЕП, ги зголемија апетитите, па сега со убава залиха ќе патуваат на реваншот, иако никој не смее да ги отпише „лалињата“, кои покажаа одново дека на гостински терен, кој е жежок, не се снаоѓаат добро.

Иако имаа негатива од три гола во финишот на првиот дел, домашните ракометари во Кожани со серија од четири погодоци водеа со 13-12, а комплетно го контролираа резултатот во второто полувреме и заслужено патуваат на реваншот со четири гола предност.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Тоскас и Цирас со седум, односно шест погодоци, додека Тен Велде даде десет погодоци за Холандија.

Романија патува со гол предност на реваншот против Чешка, откако славеше во драматичен натпревар со 31-30. Иако домашните водеа и со седум гола, па затоа може да жалат што немаат поголема залиха. Најдобар во романскиот состав беше Григорас, соиграчот на Талески од Бенфика, со девет погодоци, додека Пирох за Чешка стрелаше исто толку пати.

Покрај дуелот меѓу Фарски Острови и Македонија, за вечерва остануваат уште средбите меѓу Исланд и Естонија, односно Шпанија и Србија.