Исто како и лани, и ова лето ќе се одигра пријателски турнир или како што беше наречен „Куп на пријателството“ во организација на регионалната СЕХА Газпром лига. Меѓу тимовите што добија покана за играње е и македонскиот првак Еурофарм Пелистер, дознава 24Ракомет.
Според информациите на 24Ракомет, турнирот ќе се одигра во турскиот град Болу, а термините за натпреварите се 23 и 24 август, а во споредба со лани унгарскиот Веспрем ова лето нема да игра, бидејќи во тој период организира турнир на домашен терен.
Покрај Еурофарм Пелисер, сигурен учесник е актуелниот шампион на „источната“ СЕХА лига, Мешков Брест, а меѓу најавените учесници се рускиот тим Чеховски Медведи и грчкиот АЕК Атина, но дополнително од канцеларијата на СЕХА Газпром лигата ќе ги соопштат сите детали за летниот турнир.
Минатата година се играше во градот Сакарија, а пелистерци загубија од Веспрем во полуфиналето и од Војводина во мечот за третото место. Двата меча на овој турнир ќе бидат добри проверки за составот на Бранко Ангеловски пред стартот на новата сезона. Пелистерци претходно ги очекува настап во Струга од 14 до 17 август, а потоа и настап во Добој од 28 август до 1 септември.
Иако официјално името на овој турнир е „Купот на пријателството“, треба да е налик на завршен турнир од дивизијата „Југ“ во СЕХА лигата. Битолчани пред две сезони „дебитираа“ на завршните турнири во СЕХА и ја освоија бронзата, откако во мечот за третото место ја победија екипата на Нексе Нашице. Тоа беше нивно прво појавување на Ф4 и веднаш освоија медал.
Поради санкциите кон рускиот и белорускиот ракомет, тамошните клубови не играат во Европските купови, а поради европските санкции кон спонзорот на лигата – Гаспром и руските банки, СЕХА односно дивизија „Исток“ се игра само во Русија и Белорусија.