СЕДМЕРЕЦ: Македонија и кажа збогум на Европа

Последен од сцената се одјави шампионот ЖРК Ѓорче Петров со ревијален настап во четвртфиналето од Европскиот куп

1.Седум победи и три пати повеќе порази

Сезоната во европските ракометни купови за Македонија е веќе завршена на средината на март. Последен од сцената се одјави шампионот ЖРК Ѓорче Петров со два двоцифрени порази од шпанскиот Антиго Елче во четвртфиналето од Европскиот куп, трето по ранг натпреварување во системот на ЕХФ.

Генерално, за Македонија ова беше една од најтешките и најнеуспешни сезони во европските ракометни купови со само седум победи и три пати повеќе порази. Или попрецизно, настапот на македонските екипи во европските купови прикажан низ бројки изгледа вака:

Сезонава на европска сцена настапија 7 македонски клубови – 4 во машка и 3 во женска конкуренција. Сите заедно запишаа вкупно 7 победи, 1 реми и 28 порази. Од тоа, 5 од вкупните 7 победи ги оствари женскиот шампион ЖРК Ѓорче Петров, а 14 од вкупните 28 порази се на контото на машкиот шампион Еурофарм Пелистер.

Покрај ѓорчепетровки, по еднаш на европски победи сезонава дебитантски се израдуваа Алкалоид и Тиквеш, едните во групната фаза од Европската лига во која запишаа и едно реми, другите во втората рунда од Европскиот куп.

Секако, битно е да се напомене и тоа дека во машка конкуренција македонските претставници беа распоредени во сите три европски натпреварувања – шампионот Еурофарм Пелистер имаше директен пласман во групната фаза од Лигата на шампионите, вицешампионот Алкалоид дебитираше во групната фаза од Европската лига, Вардар како третопласиран играше и отпадна во квалификациите за Европската лига, а Тиквеш одиграа само едно коло во Европскиот куп. Во женска конкуренција пак, сите три македонски екипи – ЖРК Ѓорче Петров, ЖРК Чаир и ЖРК Куманово, настапија во Европскиот куп.

2.Шпанска лекција за шампионот

За ЖРК Ѓорче Петров европското четвртфинале беше историски чекор напред и покрај лошата шпанска завршница со -15 во гости и уште поубедливи -19 во вчерашниот реванш со Елче во Автокоманда кои малку го расипаа доживувањето. Ѓорчепетровки минатата сезона стигнаа до осминафиналето, годинава отидоа една скала повисоко обезбедувајќи пласман меѓу осумте најдобри екипи во Европскиот куп што е и тоа како битен импулс и за клубот и за македонскиот женски ракомет во целина.

Како своевиден куриозитет ќе остане забележано дека македонскиот шампион двоцифрено ја отвори и двоцифрено ја затвори европската сезона. Само што отворањето беше со +21 против Тиват, а затворањето со -19 против Елче. Во шесте месеци помеѓу, избраничките на Симе Симовски одиграа уште шест европски натпревари во кои остварија четири победи и стигнаа до првото европско четвртфинале во новата историја на клубот што стана наследник на Кометал Ѓорче Петров.

Добра селекција, континуитет и прогрес на голем број млади македонски ракометарки под водство на поранешниот македонски селектор е она што му дава(ше) белег и супериорност на ЖРК Ѓорче Петров во македонскиот женски ракомет.

Но, пробивот на европската сцена и четвртфиналето во Европскиот куп донесе и извесна промена во курсот на македонскиот шампион кој во меѓувреме „се засили“ со четири странски ракометарки – искусната српска ракометарка Катарина Танасковиќ и трите Бразилки – Талита Алмеида, Милена Мензаес и Луана Форте Алвеш.

По позиции – два десни бека, десно крило и пикер.

По учинок во четвртфиналето – два убедливи порази во двата дуели со Елче, од четирите засилувања придонесот вкупно 5 гола, 2+1 од Алмеида на десен бек и 1+1 од Алвеш на десно крило.

Стои фактот дека на новите играчи им треба време за да се вклопат во тимот, но стои и фактот дека играч што прави разлика брзо се вклопува. А, од новата колонија во Ѓорче Петров барем во овие неколку дуели, не го видовме тоа. Времето и резултатите ќе покажат дали шампионот направил добар потег или услуга на менаџерот и излишен трошок кој го нарушува балансот во екипата што носеше резултати.

3.Ракомет на „меден месец“

Во неделата резервирана за репрезентативните активности на машките селекции, поуспешните и посреќните што изборија олимписки квалификации играа за настап на Олимпијадата во Париз,  остатокот што го испуштија олимпискиот воз уште во јануари, разигруваа пријателски за мајските баражи, а помладите категории за настапите на летните шампионати.

Од оние од првата група, лик на неделата дефинитивно е новиот хрватски селектор Дагур Сигурдсон. Исланѓанецот е уникатен лик во ракометот и со самиот факт што во еден ист циклус однесе две репрезентации на ОИ во Париз 2024. Прво Јапонија како најдобар азиски тим, а потоа и Хрватска со сенационални три од три во олимписките квалификации во Хановер. Сигурдсон кој вели дека поради ракометната пасија решил да ја замени Јапонија со Хрватска, брзо ја освои хрватската јавност. Со хрватската химна и раката на националниот грб го скрши мразот, со Олимпијадата во Париз веќе стана миленик на „коцкестите“ кои баш и не се нешто многу нежни со селекторите. Може да е идила како на почеток на брак, што би рекол Вујо сликовито, ама Хрватите сега барем може да уживаат во париски „меден месец“ со новиот селектор.

Од оние репрезентативни настани од втората група, пак фокусот изминативе денови секако, најмногу беше на активностите на македонските репрезентации, активни во сите три сектори, од А до кадети.

Сениорите кои се подготвуваат за мајскиот бараж против Фарски Острови за СП 2025, во некомплетен состав со неколку „оправдано отсутни“ од стандардните, спарингуваа со Романија и имаа два порази, во еден затворен и еден отворен натпревар. Селекторот Кире Лазаров вели дека е задоволен од сработеното.

Младинците во подготовки за ЕП (У20) во Словенија, исто во некомплетен состав, одиграа два контролни натпревари со своите врсници од Хрватска со кои ќе играат во иста група и на европското првенство. Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ во првата контрола одиграа нерешено, во втората загубија. Шанса за сите, добра проверка за индивидуалните можности, искуство плус, но и поттик за работа, ги истакна придобивките од мартовската проверка селекторот на младинската репрезентација.

Кадетите го испробаа теренот во Подгорица пред летниот настап на ЕП (У18) во Црна Гора и славеа две победи против селекцијата на домаќинот. Едната со проверен состав, втората и со играчи кои досега не биле во репрезентативниот ростер, што според селекторот Наум Танески, дава појасна слика на кои играчи од оваа генерација може да се смета за во иднина.

Резултски од се по нешто, но селекторите главно задоволни од сработеното. Коректно за репрезентација што веќе го поминала „медениот месец“.