СЕДМЕРЕЦ: Кисело грозјето

Втора година по ред Вардар паѓа во Кавадарци, лани беше сензационално реми, годинава  уште посензационална победа на Тиквеш

1.Вардар зад водечката четворка

„Ќе ја вратиме титулата“ – повикот на Вардар што грмна силно на почетокот на сезоната сега сè повеќе се губи како празно ехо во далечина. Со два порази во првите три натпревари од суперлигашкиот плеј-оф, Вардар се спушти во „долната четворка“ и ќе му треба ептен големо чудо за да се врати во кругот на фаворитите што ќе се борат за титулата. Шанса што сè уште постои како теорија, но во пракса изгледа тешко остраврлива.

И, повторно за вардарци испадна „кисело грозјето“ во Кавадарци. Лани беше сензационално реми кое дојде по неочекуваниот пораз во Автокоманда и по кое за Вардар веќе немаше назад. Годинава уште посензационална победа на Тиквеш и тежок пораз за поранешниот шампион што го оддалечува од борбата за титулата.

Летната реконструкција, последна од многуте низ кои помина најтрофејниот македонски клуб во последните 4-5 години, донесе некоја нова позитивна енергија околу Вардар на стартот од сезоната. Новиот почеток и враќањето на базата со дел од легендите на Вардар во нова улога, Јапонецот Јасухира што дојде како освежување и се покажа како полн погодок во комбинација со препознатливиот тимски дух на „црвено-црните“, дресовите на кои се множеа спонзорите…сето тоа влеваше надеж кај вардаровите навивачи дека и по резултатски најлошата сезона со пад од врвот на трето место, Вардар може одново да се врати на шампионските патеки. Во прилог одеа и резултатите од „регуларниот дел“ и позитивниот скор со Еурофарм Пелистер како најголем ривал. Првото место во групата на Вардар му носеше пол-позиција на стратот од плеј-офот. А продолжените договори со дел од стандардните играчи и новите засилувања на полусезоната требаше уште повеќе да ја зацврстат позицијата на „црвено-црните“ во борбата за титулата.

Но реалноста на терен излезе малку поинаква. Наместо посилен, Вардар по зимската пауза стартуваше лошо подготвен. Повредата на Јасухира ја измести концепцијата и играта со која Вардар беше супериорен во есенскиот дел, а новите засилувања барем засега, не донесоа некоја квалитативна разлика. Поразот од Еурофарм Пелистер во Битола на стартот од плеј-офот ја стопи предноста и исфрли на површина многу недостатоци во играта на вардарци.

Поразот од Тиквеш во Кавадарци веќе и дефинитивно значи проблем за Вардар и ги носи „црвено-црните“ чекор подалеку од посакуваното враќање на тронот, втора сезона по ред.

За Вардар проблем се поразите, но уште поголем проблем е играта и погрешната проценка за што во најголем дел, одговорноста паѓа на клупата.

2.Тешко со Кил, ама тешко и со Охрид

Според играчкиот кадар и финансиската стабилност, шампионот Еурофарм Пелистер е апсолутно водечки на македонската ракометна сцена и по таа логика би требало да е и прв фаворит за одбрана на титулата. Но и тука има едно големо НО.. Битолскиот тим и покрај сите предности, никако не успева да се „одлепи“ супериорно пред другите како што беше, на пример, Вардар во шампионските денови.

Што е тоа што му недостасува на Еурофарм Пелистер за да биде сигурен шампион?

Тоа тешко може да се дефинира и очигледно, зависи од повеќе фактори. Променливата игра го засилува впечатокот дека актуелниот македонски шампион сè уште не ги наредил коцките и сè уште ја бара вистинската формула. Честите промени во составот и на клупата го потврдуваат тоа.

Настапот во Лигата на шампионите за Еурофарм Пелистер е по многу нешто специфичен. Инфериорноста во првото појавување на големата сцена во однос на европските великани е евидентна и во најголем дел, очекувана и реална. Битола по безмалку две децении одново има врвен ракомет, но 12-те порази од исто толку одиграни натпревари делуваат демотивирачки и разочарувачки особено за битолската публика. Иако, за споредба и Целје со многу поголемо искуство и реноме од македонскиот шампион, исто така е на нула во другата група од ЛШ, па во Словенија не е прогласена национална трагедија, ниту крај за ракометот.

Од друга страна, секоја добро одиграна минута, па дури и во „разумен пораз“, во ЛШ е плус за битолскиот тим. А дуелите со европските гиганти доаѓаат како драгоцено искуство и го држат тимот во натпреварувачки ритам. Нешто што во последниве две сезони евидентно, му недостасува на Вардар кој паѓа токму во завршницата на сезоната.

Но она што е или може да биде проблем за Еурофарм Пелистер се осцилациите во играта. Битолскиот тим тешко се справуваше со Кил во ЛШ, но неколку дена потоа тешко се справуваше и со Охрид во домашниот плеј-оф и во поголем дел од натпреварот беше „на линија“. Тоа во еден дел се должи на добрата подготвеност на охриѓани, добрата анализа и тактика на Стевче Алушовски. Во друг дел пак ги исфрла на површина слабостите кај шампионот.

3.Некој ќе се лизне во Кавадарци, некој ќе потоне во Охрид

Ако претсезонската, па и проекцијата пред стартот на плеј-офот генерално, беше дека битката за шампионската титула во Македонија ќе биде меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, сега тешко дека некој би се обложил на таа опција.

Првите три кола внесуваат дополнителна неизвесност во разигрувањето и го прошируваат бројот на екипите што можат да ги замрсат сметките на секој противник.

Во кругот на фаворити за титулата сега во преден план влегува и актуелниот вицешампион РК Алкалоид. Новите „сини“ од Автокоманда лани од суперлигашки дебитанти станаа вицешампиони, а не би било изненадување ако годинава отидат и чекор понапред. Тимот предводен од Кире Лазаров засега сигурно ја држи лидерската позиција, но досега сè уште не ги одмерил силите ни со Еурофрам Пелистер, ни со Вардар. Сликата ќе биде многу појасна после 10 март кога Алкалоид го пречекува Вардар и уште повеќе по 7 април кога вицешампионот ќе игра против шампионот, за прв пат сезонава во Супер лигата.

Од втор план, но дефинитивно како најпријатно изненадување во борба за висок пласман влегуваат Тиквеш и Охрид, два солидни тима желни за подвиг и максимално мотивирани со Раде Стојановиќ на едната и со Стевче Алушовски на другата клупа.

Тиквеш беше на праг да го изненади Алкалоид во Автокоманда, а потоа во Кавадарци го отпиша Вардар и се лансира во горната четворка на радост на верните „Лозари“.

Охрид го реши Бутел во Скопје и за малку ќе му ги замрсеше сметките на Еурофарм Пелистер на среде Битола. Плус, за загревање на стартот, Охрид го доби езерското дерби и бодрен од „Рибарите“ вплива во водечката тројка по првите три кола од суперлигашкиот плеј-оф.

И така, неизвесноста се зголемува во борбата за титулата во последното издание од гломазната Супер лига во овој формат во кој шампионот и вицешампионот прв пат се среќаваат дури во финишот на сезоната. Догодина, здравје нов систем и нова шема.