Три македонски репрезентации во младите категории летово ги очекуваат настапи на две европски и едно светско првенство на кое плус сме и домаќини
1.Младите во фокусот
Завршија натпреварите, првенствата, плеј-офите и аутите, се поделија титулите и пехарите, се финишираат трансферите, се чека уште распределбата на вајлд-картите за европските купови и за нациите што се далеку од Париз и од олимпискиот круг, полека почнува ракометната ферија. Освен за младината. Младинските селекции во повеќе категории остануваат во акција и во наредниот период ракометната иднина ќе биде во фокусот.
Во Македонија посебно поради битниот исчекор и настапот на три репрезентации од помладите категории на две европски и на едно светско првенство на кое плус сме и домаќини.
Летната ракометна програма ја отвора женската младинска репрезентација на Македонија на Светското младинско првенство за ракометарки до 20 години што почнува за два дена во Скопје. Уште една шанса за македонскиот женски ракомет да направи светски исчекор на домашен терен што, едноставно, не смее да се пропушти.
Втората половина на месец јули е резервирана за машката младинска репрезентација (У20). Пулените на селекторот Раде Стојановиќ ќе настапат на Европското првенство во Словенија (10-21 јули) и во нив летово се и најголемите надежи. Од оваа надежна генерација и селекција што носи посебен позитивен белег, во најмала рака, се очекува да го продолжи континуитетот и позитивниот тренд.
Патот што го отвори оваа генерација на претходните настапи во помладите категории, ги однесе кадетите на Европското првенство (У18) во Црна Гора (7-18 август). Настап со кој ќе се заокружи жешкото лето за македонските ракометни надежи.
2.Нема алиби
Ако пред две години на Светското кадетско првенство (У18) на кое Македонија исто така беше домаќин, се „кршеше маразот“ на голем настан пред домашната публика, овој пат од младата македонска репрезентација се очекува многу посигурен и посмирен пристап. И настап во кој ќе се зграби шансата со двете раце.
Во актуелниот младински состав на македонската женска репрезенација горе-долу, играа истите ракометарки што пред две години играа на СП на домашен терен како кадетки, сега две годни повозрасни и многу поискусни во клупските и репрезентативните настапи. Претстојното СП (У20) дава убава можност да се направи паралела меѓу двата мундијалски настапи и да се види напредокот кај оваа генерација која веќе тропа и на сениорска врата.
Ова ќе биде и прв посериозен предизвик за новиот селектор Дарко Јанев кој дојде на местото на Љубомир Савевски како посмирена варијанта на репрезентативната клупа. Како домаќин на шампионатот, Македонија во ждрепката имаше можност да ја бира групата, а селекторот се одлучи за групата Х во која се репрезентациите на Исланд, Ангола и САД.
Во најава на младинскиот мундијал, Јанев истакна дека прва цел на македонската репрезентација ќе биде да се мине групата. Но дека кон целта ќе се оди вниматело и чекор по чекор.
Како загревање пред СП, македонската репрезентација настапи на пријателскиот турнир во Автокоманда организиран пред стартот на младинскиот мундијал и имаше можност да ги одмери силите со три селекции – ги победи Кина и Бразил и загуби од Исланд.
Проблем и сериозен хендикеп за македонската репрезентација пред настапот на младинското СП се повредите на неколку репрезентативки од кои дел ќе го пропуштат првенството, но тоа во никој случај, не смее да биде алиби.
Нема алиби ни за македонската ракометна публика ако во наредните десетина дена останат да зјаат празни трибините во „Борис Трајковски“ и во „Јане Сандански“. Колку и да е сезона на одмори и мундијалот младински.
Светското младинско првенство во Скопје летово особено треба да биде „must to see“ за сите девојчиња и момчиња кои тренираат и го сакаат ракометот, како ретка можност, тука на наш терен блиску до дома, да ги видат најдобрите млади ракометарки во светот од кои сигурно за некоја година ќе израснат многу нови ракометни ѕвезди.
3.Во спомен на Марко
Деновиве во Скопје се одржа третиот меморијален турнир „Марко Божиновски“ во чест и во сеќавање на младиот македонски репрезентативец Марко Божиновски чиј живот прерано згасна.
Родителите собраа сили во големата загуба и непреболот на еден убав и хуман начин да го сочуваат споменот на Марче, но и на сите оние кои прерано заминаа од ракометниот терен.
Турнирот во спомен на Марко стана традиционален и интернационален, годинава со учество на младите екипи на Морнар од Црна Гора, Одорхеи од Романија и Коњух од БиХ, заедно со домашните Алкалоид, Еурофарм Пелистер, Вардар, Бутел и Струга. Младите ракометари на Алкалоид втора година по ред се победници на турнирот. Најдобрите поединци беа наградени со пехари.
Но, најголема награда и најубав спомен на Марко се почитта, спортот, спортските вредности и пријателства. Тоа останува да се памети и да се одржува.