Селекторот на Шпанија, Жорди Рибера, го објави скратениот список на ракометари што ќе бидат дел од Олимписките игри во Париз.
Рибера се откажа од десното крило Феран Соле, левиот бек Антонио Гарсија Робледо, левото крило Анхел Фернандез, како и пивотот Адриа Фигуерас.
Во резервите останаа десниот бек Хорхе Македа, голманот Сергеј Хернандез и пивотот Гедеон Гвардиола, но тие ќе бидат дел од тимот во Париз.
Рибера се реши за голманското дуо Перез Де Варгас и Коралес, крила се Мигалон и Фернандез, како и Гомез и Одриозола, додека на линијата од шест метри ќе бидат Сердио и Родригез.
На бековските позиции, Рибера ќе смета на браќата Душебаеви, Касадо, Тарафета, Гарсијандија и Кањелас.
Шпанија два пати ја совлада Аргентина во пријателски средби во првата фаза од подготовките, додека ќе одигра уште два меча со Норвешка на 16 и 18 јули.
„Фуријата“ е во група со Хрватска, Германија, Словенија, Шведска и Јапонија на турнирот што стартува на 27 јули.