РФМ аплицираше за вајлд-карта за СП 2025, се чека одлука на ИХФ!

Ракометната федерација на Македонија аплицираше за вајлд-карта за СП 2025 кај дамите. ИХФ наскоро ќе донесе одлука за последниот учесник на Мундијалот во Германија и Холандија. Меѓу кандидатите за вајлд-карта е и селекцијата на Македонија, која во бараж двомечот беше елиминирана од Полска.

Беа елиминирани и Словенија, Хрватска, Италија, Турција…а во конкуренција за вајлд-карта останува и САД. Светската куќа на ракометот додели една вајлд-карта на Кина, а се очекуваше втората да биде во рацете на САД откако тоа беше најавено уште во 2021 година на Конгресот на ИХФ, но очигледно одлуката ќе биде променета.

Условот што тогаш им го наложи ИХФ на САД е да достигне одредено ниво и да има некаков успех, но тоа не се случи, па со оглед на тоа што низ текстовите на ИХФ не се споменува никаде дека втората вајлд-карта ќе оди за САД, би требало да заврши кај европска селекција.

Не е познат списокот на оние федерации кои побарале вајлд-карта од ИХФ, но шансите на Македонија не се (пре)големи, ако се знае кои други селекции преку баражот останаа без СП, па сигурно и тие не се откажале од последната шанса да одат на Мундијалот.

Покрај домаќините Холандија и Германија, од Европа на СП место обезбедија светскиот првак Франција, како и трите медалисти од ЕП 2024 – Норвешка, Данска и Унгарија. Преку квалификациите таму се најдоа 11 европски селекции – Полска, Србија, Шпанија, Швајцарија, Фарски Острови, Чешка, Романија, Шведска, Исланд, Црна Гора и Австрија.

Од Азија на СП 2025 патуваат Кореја, Иран, Казахстан и Јапонија, додека од Африка таму се пласираа Ангола, Тунис, Египет и Сенегал. Од Северна Америка и Кариби претставник ќе биде Куба, додека од Средна и Јужна Америка мундијалски билет обезбедија Бразил, Аргентина и Уругвај.

СП ќе се игра од 26 ноември до 14 декември годинава во пет града – Дортмунд, Трир, Штугарт, Хертогенбош и Ротердам, каде е закажан финалниот викенд.

Ждрепката за групите за СП 2025 ќе се одржи на 22 мај.