Во преполната сала „Автокоманда“ во Скопје, „сино-белите“ со одличен натпревар му парираа на Вардар во текот на сите шеесет минути. Дуелот заврши без победник 26-26 иако двете екипи имаа свои шанси.
Во рамките на шестото коло од македонскиот плеј-оф, составот на селекторот Кирил Лазаров обезбеди само бод кога сите видоа победа во меч кој заврши со резултат 26-26. Со овој бод Вардар се изедначи на табелата во македонската супер-лига со Еурофарм Пелистер на 13 бодови, а со свои математики во трката за врвот на табелата влегуваат и скопските фармацевти кои се на 9 бодови.
Во Автокоманда првото полувреме заврши на нерешени 12-12 иако во поголемиот дел домаќинот имаше предност и контрола над резултатот. Почетокот на вториот дел Вардар го искористи да го преземе водството, имаше и 4 голови предност, но минутите кога играа со играч помалку на терен го чинеа сигурна победа.
Иако на почетокот составот на македонскиот селектор Лазаров имаше иницијатива, Вардар не дозволи да се разигра во целост. Преку прецизните погодоци на Ивановски, кој три пати ја тресеше мрежата на Вардар и беше главен мотор во нападот, домаќинот имаше резултатска предност. Токму тој и расположениот голман Марко Кизиќ, го одржуваше „сино-белиот“ состав на минимална предност во првата четвртина од натпреварот.
Вардар ја имаше шансата да се доближи во неколку наврати, успеа да изедначи неколку пати, а во 20. минута го запиша и првото водство, но немаше доволно конкретност во завршницата за чекор повеќе. Тимот од Автокоманда имаше предност и од „плус три“ во првиот дел (10 минута), и „плус два“ во финишот на првиот дел, но со истекот на последните секунди Вуко Борозан ги донесе конечните 12-12 за реми на паузата меѓу двете полувремиња.
Борозан повторно беше моторот на Вардар, асистираше и погодуваше, во првото полувреме беше прв играч на „црвено-црните“ со 4 погодоци, а го отвори резултатот и во второто полувреме. Првите „плус два“ Вардар ги донесе во 32. минута, по неколку промашени обиди на „сино-белиот“ напад. Македонскиот вицепрвак успеа да воспостави свој ритам во продолжение, Еспиња имаше неколку одлични интервенции на голот, па разликата дојде и до највисоки четири голови по 11 минути во вториот дел. Исклучувањето на Лазаревски во составот на Вардар ги врати надежите на домаќините кои бргу анулираа половина од капиталот на „црвено црните“.
Точно на средина на вториот дел, две грешки во нападот на Вардар ја вратија неизвесноста на овој дуел и му овозможија на домаќинот да го израмни резултатот (20-20). Во неизвесна завршница домашниот состав ја презема иницијативата и во 50.минута ја врати резултатската предност за 23-22. Предноста се одржуваше до самиот крај, кога Пинто изведе катастрофален удар од пенал-линијата, а одличниот Галевски, кој го замени Кизиќ во вториот дел, беше концентриран до самиот финиш. Многу грешки од чисти ситуации ги одбележаа последните минути од дуелот. Домаќините имаа огромни шанси за победа, но не ги искористија шутевите кои во текот на натпреварот лесно ги реализираа. Затоа Лазаревски во последните секунди од дуелот ги постави конечните 26-26 за поделба на бодовите од овој дуел.
Нападот на „црвено-црните“ го предводеше Вуко Борозан со 7 постигнати голови, а го следеше Милан Лазаревски кој запиша 6 погодоци. Во домашниот состав најпрецизен беше Серафимов со 8 постигнати голови, додека Ивановски беше прецизен 5 пати.