Жестоки казни по инцидентот на Шампион – Текстилец!

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија имаше многу работа по случувањата на терените минатиот викенд. По одлуката за пропустот на мечот меѓу Прилеп и Струга, беше донесена одлука и за случувањата на прволигашкиот меч меѓу Шампион и Текстилец.

Судијата Александар Вукашиновски доби забрана за вршење било каква функција во ракометот во следните 20 месеци, па тој ќе пропушти тековната и целата следна сезона 2027/2028.

Вукашиновски е казнет според Член 123 од ДП на РФМ во кој се вели.

„Судија или делегат, кој физички ќе нападне натпреварувач, тренер, член на екипата, медицинско лице, друг судија, службено лице или навивач, на теренот или надвор од истиот, ќе се казни со забрана за вршење функција од 6 месеци до 2 години. За обидот на дисциплинскиот престап од став 1 на овој Член, ќе биде изречена казна“.

Покрај казната за Вукашиновски, РФМ го казни и домаќинот на мечот според Член 17 од Пропозициите за Првата лига. Екипата на Шампион ќе треба да плати 100.000 денари, поради тоа што не беа снимени спорните моменти.

„Во случај домаќинот стручно и квалитетно не го сними натпреварот, (на натпреварот  имало спорни ситуации-прекини кои не се снимени), домаќинот ќе биде казнет со парична казна од 100.000,00 денари“, се вели во посочениот член од пропозициите.

Натпреварот меѓу Шампион и Текстилец, кој заврши со победа на гостите со 35-32, го одбележаа тензични сцени во салата „Антон Димитров“. Црвен картон, син картон, навреди кон судија од страна на гледачи, прекин и полициска интервенција беа дел од случувањата во второто полувреме.

Ракометарот на Текстилец, Лазар Стојанов, доби црвен картон во 41 минута. По исклучувањето се пресели на трибините, а од дел од гостинските навивачи следуваа навреди кон судијата Александар Вукашиновски, откако му додели и син картон. Многу од навредите се слушаат и на преносот од мечот. Дисциплинците на РФМ ќе го санкционираат и ракометарот на Текстилец со суспензија.

Откако се смирија страстите, мечот продолжи, заедно со навредите од трибините, и во еден момент судијата Вукашиновски се качува на трибината кај публиката токму во делот од каде доаѓаат навредите, по што тензиите дополнително се зголемија. Натпреварот беше прекинат околу 10-15 минути, а во разрешувањето на ситуацијата се вклучи и полицијата. Таа дополнително пристигна во салата, по што почна „расчистувањето на ситуацијата“. Судијата посочи еден од гледачите на полициските службеници. Мечот потоа продолжи, а полициските службеници го изнесоа гледачот од салата. На еден од кадрите се гледа неговото спроведување по скалите на трибината, додека играта веќе продолжува на теренот.

🎥 Хаос на меч од Прва лига: Судијата се качи на трибина, полицијата изнесе гледач од салата!

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲 Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet .
Со еден клик до сите вести.