Капитенот Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, одигра фантастичен натпревар против Вибжеже Гдањск и постави личен рекорд во европските клупски натпреварувања.
Тој постигна неверојатни 15 гола во ремито 31-31 на гостувањето во Полска, но неговата голгетерска партија за жал не беше доволна битолчсккиот тим да стигне до цел плен.
Кузмановски по вторпат во својата кариера постигна двоцифрен број голови во европските купови. Претходно, минатата сезона, беше двоцифрен против францускиот гигант ПСЖ во Лигата на шампионите, кога постигна десет гола.
Сепак, 15 гола против Гдањск се негов најдобар учинок во Европа во дресот на македонскиот вицешампион и уште една потврда за неговата важност за составот на Еурофарм Пелистер.
Со настапот во Полска, Кузмановски стигна и до бројката од 313 голови во европските купови, сметајќи ги настапите за Еурофарм Пелистер, Еурофарм Работник, Металург и Магдебург.
Кузмановски дебитираше во европските купови во 2014/15 со два гола, а најдобро сезонско остварување имаше во сезоната 2024/25 во ЛШ со 87 погодоци.

























