Радовиш слави прв триумф, се вжештува трката за опстанок

Ракометарите на Радовиш ја забележаа првата победа во борбата за опстанок кај суперлигашите, откако на свој терен триумфираа над Струга со 33:23.

Радовишани одлично го стартуваа натпреварот, поведоа со 4:1 во воведните пет минути и до крајот на полувремето одржуваше резултатска контрола. Струга во ниту еден момент не се закани, а во вториот дел целосно се распадна играта на гостите.

Домашниот тим, најчесто, најчесто преку бековите доаѓаше до реализација, додека кај стружани немаше истакнат лидер во првите 30 минути. Избраниците на Котевски знаеа како да одиграат и на полувреме заминаа со предност од 15:9.

Во вториот дел Струга како да крена раце од натпреварот и дозволи домаќинот да ја зголеми предноста, па некаде по 15 минути игра во вториот дел беше познато дека бодовите ќе останат за повратникот во суперлигашкото друштво.

Најефикасен во Радовиш беше Лазар Адамовиќ со девет погодоци, по пет имаа Петар Стојаноски и Игор Чиселиов.

Во поразениот табор прво име беше Лазар Ристиќ со шест реализации, а четири имаше Александар Стојков.