Радивојевиќ: Верувам дека Еурофарм Пелистер пак ќе биде шампион на Македонија

Десното крило Богдан Радивојевиќ е на подготовките на националниот тим на Србија за претстојното Европско првенство во Германија.

Во интервју за „Моцарт Спорт“, покрај за темите поврзани со репрезентацијата, Радивојевиќ говореше и за Еурофарм Пелистер и амбициите сезонава.

„Еурофарм Пелистер е нешто поинакво од она што го имав во претходните десет години во Германија и во Унгарија. Се работи за клуб со традиција, со фанатични навивачи. Екипата е млада, нова, имаме само два-три искусни ракометари. За жал, не освоивме ниту еден бод во Лигата на шампионите. Верувам дека ова ќе биде големо искуство за сите во Битола, младите видоа како е да се игра најсилното натпреварување. Не почнавме најдобро во домашното првенство, но имаме шанса во плеј-офот тоа да го исправиме и да ја одбраниме титулата. Не можеме да направиме нешто во повеќе во ЛШ, но се бориме. Верувам дека ќе ја освоиме титулата во првенството на Македонија, тоа е нашиот приоритет до крајот на сезонава“, изјави Радивојевиќ.

Десното крило ќе биде дел од Европското првенство во Германија, каде со селекцијата на Србија ќе игра против Црна Гора, Исланд и Унгарија.