Пелистерци губат на полувреме од унгарскиот гигант Веспрем

Ракометарите на Еурофарм Пелистер губат со 20:11 на полувреме од дуелот против Веспрем од 9. коло од Лигата на шампионите.

Веспрем отвори според планираното и во воведните пет минути дојде до предност од 5:0. Фуриозниот налет на домаќините беше знак дека пелистерци ќе мора да го дадат максимумот за да се покажат во добро светло.

Македонскиот шампион првиот гол на натпреварот го постигна во 8-та минута преку Богдан Радивојевиќ за 5:1. Битолчани намалија на 5:2, но Веспрем играше според зацртаното, имаше контрола на теренот и за десет минути игра постигна осум, а прими три гола.

Во овој период од натпреварот расположени за игра во домашниот табор беа Бјарки Мар Елисон и Лудовик Фабрегас, двајцата ракометари имаа по четири гола во воведните десет минути.

Како одминуваше времето, растеше разликата на домаќините, па така во 20 минута Веспрем дојде до плус девет, 14:5, и последните петнаесетина минути од првиот дел ги одработи рутински, на пауза замина со 20:11.