Пелистерци им се вратија на победите, лесно се справија со Бутел Скопје

Ракометарите на Еурофарм Пелистер им се вратија на победите во суперлигашкиот плеј-оф, откако на свој терен триумфираа против тимот на Бутел Скопје со 30:22.

Бутелци беа рамноправен противник само на стартот од натпреварот, се држеа до 3:3, потоа домаќините направија серија од 4:0 и во 10 минута се одлепија на највисоките дотогаш плус четири, 7:3. Од тој момент, домаќинот наметна силно темпо на игра, а неговиот ритам не можеа да го следат гостите.

Тимот на Бутел на моменти покажуваше квалитет, се обидуваше барем да биде на пристојна негатива, кон средината на првиот дел успеа да стопи дел од предноста на ривалот, намали на 9:7, но до крајот на полувремето постигна само два, а прими пет гола.

Петте гола предност на актуелниот шампион на полувреме беа најава за победа. Гостите во вториот дел драстично паднаа и при предност на Еурофарм Пелистер од 18:10 во 35 минута беше јасно дека нема да има никаква резултатска неизвесност во преостанатиот дел од натпреварот.

Најефикасен кај победничката екипа беше Филип Кузмановски со пет погодоци, а го следеше Жарко Пешевкси со четири реализации. Кај гостите се истакна Стефан Крстевски и Владимир Јевтиќ со по четири погодоци.

Еурофарм Пелистер во следното коло од плеј-оф фазата ќе гостува во Охрид, додека Бутел на свој терен ќе ги одмери силите со градскиот ривал Пролет.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР14130141
2ПРОЛЕТ1430119
3СТРУГА1400140