Знаев дека во Македонија се игра одличен ракомет, меѓутоа тоа е на многу повисоко ниво отколку што очекував. Искрено се функционира беспрекорно. Секој натпревар е дерби и е неизвесен до самиот крај, посебно сега во плеј-офот, така да сум позитивно изненаден и многу ми е драго што дојдов во Македонија, вели црногорскиот пивот Адмир Пелидија во интервјуто за 24 Ракомет.
Ракомет почнал да тренира уште во поранешната држава Србија и Црна Гора. Во неговиот роден град доаѓале великаните Партизан и Црвена Ѕвезда, и тоа било главната причина да го засака ракометот. Потекнува од Рудар Плевља каде што настапува до 2016 година, а потоа патот го водел преку Босна, Турција, Шпанија, Франција, Романија и сега во Македонија.
Пелидија во разговорот ни открива дека и пред неколку години тој бил на прагот на Охрид, но во тој момент решил да даде предност на другите понуди кои пристигнале на негова адреса.
„Јас пред некои две – три години веќе бев во преговори со Охрид, но тогаш пристигнаа некои други понуди кои јас решив да ги одберам. Сепак после три години еве ме тука сум во Охрид. Овој пат лесно се договоривме. Во тој момент јас бев слободен, стапив во контакт со раководните луѓе од Охрид и за неколку дена ја завршивме целата постапка“, вели 29-годишниот Црногорец.
Пелидија не крие дека му е убаво во Охрид. Начинот на кој е прифатен, градот, екипата и соиграчите.
„Луѓето се многу позитивни што ми се допаѓа многу, а атмосферата, посебно во клубот е фамилијарна. Градот е преубав, уживање е да си тука, исто како кај нас во Црна Гора во некој приморски град. Соиграчите ме прифатија одлично и јас навистина сум изненаден од тоа. Екипата функционира како едно семејство, и нема разлика дали играчите се домашни или странски. Некои ги познавав од порано, уште пред да дојдам тука, со другите се запознав тука и имам само пофалби за тоа“ вели корпулентниот кружен напаѓач.
Добро ја познава лигата, посебно Вардар и Пелистер, кога играа во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа.
„Го следев македонското првенство со оглед на тоа што мои блиски пријатели играа во Eурофарм Пелистер, така да знаев дека лигата е квалитетна, меѓутоа по мое мислење оваа година е убедливо најдобра од последните неколку години, а тоа го говори и домашната ракометна јавност. Некако се погоди да пет екипи рамноправно конкурираат за излез во Европа, но и за првото место“.
Плеј-офот за охриѓани почна одлично. На почетокот го совладаа Бутел во гости, потоа следеше победата во „езерското дерби“, убедливо го совладаа вице првакот, со пресврт славеа кај Пролет, а иако загубија на гости кај актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, покажаа дека можат да бидат рамноправен противник. Сето тоа за црногорскиот интернационалец е доказ дека Охрид оди во правилна насока и дека има шанса за пласман во TOП 3 на табелата.
„Нас тоа ни е и целта, да не мислевме така немаше да бидеме ни овде. Сконцентрирани сме, знаеме кои се нашите цели, знаеме што треба да правиме и мислам дека никому нема да му биде лесно против нас, тоа го кажувам сигурно, го покажавме тоа. На нас е да ја искористиме секоја шанса кој ќе ни се укаже, зошто да не и за нешто повисоко, но треба да одиме чекор по чекор“.
Пелидија има само пофални зборови и за тренерот Алушовски.
„Соработката со тренерот е врв. Многу ми се допаѓа што обрнува внимание на многу детали, секој играч го следи посебно и на сите посветува внимание. На нас е само да слушаме, да работиме и да го спроведуваме тоа што ќе ни го каже“.
Кога е надвор од ракометниот терен сака да ужива во прошетките покрај езерото и да се опушти со добро кафе. Од родната земја најмногу му фали семејството и кога има можност патува дома.
„Ние во Црна Гора во слободното време сакаме да спиеме до пладне и да пиеме кафе. Се шегувам, тука немаме многу слободно време, многу напорно тренираме, анализираме, а она малку што останува го користам за прошетка, релаксација и пиење кафе покрај езерото со сопругата, тоа најмногу го сакам. Претходно кога настапував во некои други земји одев сам, така да тоа што сум овде со мојата сопруга ми го прави престојот полесен и драго ми е што таа е овде со мене. Ми фали семејството, родителите, но сепак Црна Гора е блиску така да кога имам време одам дома“.
Пред екипата на Охрид викендов е предизвикот во Купот па го запрашавме Пелидија кои се неговите очекувања.
„Во куп натпреварувањата нема фаворити и на секој натпревар треба да се пристапи максимално, така треба и на првиот дуел со Скопје, се надевам дека ќе го направиме тоа како што треба, и во една позитивна атмосфера да го дочекаме Еурофарм Пелистер. Се надевам дека со помош на публиката, со максимален ангажман и доколку ги намалиме грешките од претходниот натпревар против нив, можеме да направиме изненадување и да се пласираме на Ф4“, дециден е Црногорецот.
Натпреварот меѓу Охрид и Скопје се игра на 23 март, со почеток од 10:30 часот, во спортската сала „Билјанини извори“. Доколку Охрид слави ќе игра против победникот од дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Куманово.
Фаворитската улога во второто полуфинале ја има битолскиот тим, па според тоа во финалето ќе не очекува интересен и неизвесен натпревар пред полни трибини.