Тимот на Охрид продолжува да гради сериозен европски имиџ, а тоа го потврдува и средбата меѓу градоначалникот на Охрид и прв човек на клубот, Кирил Пецаков, со претседателот на унгарскиот ракометен гигант Веспрем, Чаба Барта.
За време на посетата во Унгарија и на Веспрем, главна тема на разговор биле успесите и развојот на Охрид, како во европските натпреварувања, така и во домашното првенство и Купот на Македонија.
Од Веспрем упатиле признание и честитки за напредокот на охридскиот клуб, што претставува големо признание за проектот кој се гради во Охрид.
„Голема чест е кога клуб од светски ранг како Веспрем ги препознава нашите напори и резултати“, истакна Пецаков по средбата.
Двајцата разговарале и за идните стратегии за развој на клубовите, како и за иднината на европскиот ракомет.
Пецаков упати официјална покана до Веспрем за учество на традиционалниот меѓународен турнир во Охрид – „Крсте Андоновски“, со надеж дека веќе од следната година македонската публика би можела во живо да гледа уште еден европски ракометен великан.

























