Македонски репрезентативец што настапува во еден од скопските клубови е пред трансфер во еден од клубовите што настапуваат во најсилната ракометна лига во светот, Бундес лигата. Како што дознава 24Ракомет, за младиот ракометар е заинтересиран тимот каде тренер е Роберто Парондо, поранешниот шампионски тренер на Вардар, а сега во германски Мелсунген.
Иако малкумина знаеја, Роберто Парондо минатиот месец заедно со сопругата беше во Скопје. Причината наводно била „затворање на сметките“ во македонските банки од времето кога беше тренер на „црвено-црните“. Но, многумина тврдат дека тој дошол со цел на дело да гледа некои ракометари, а особено бил заинтересиран за еден. Играчот што се нашол во тефтерот на Парондо, исто така игра и за репрезентацијата на Македонија и беше на последното ЕП во Германија, а играше и на европски клупски мечеви.
Со оглед на тоа што натпреварот во Скопје на кој Парондо бил присутен се играше во недела на 10 март, чудно е зошто токму за викенд дошол во Македонија, кога не работат банките? Тоа само ја потврдува шпекулацијата дека Шпанецот дошол да разговара со младиот ракометар, а можеби и со неговиот тренер и управата, околу можноста да го земе кај себе. Парондо сега брзо го продолжи договорот со германскиот клуб до 2027 година, па сака да има и конкурентен тим.
Спортски работници кои биле на дерби мечот од македонската Супер лига во Скопје тврдат дека Парондо бил на трибините, а потоа на паркингот пред салата разговарал со некои пријатели, играчи и судии, кои исто така биле на тој натпревар. Во разговор за 24Ракомет, неколкумина од оние што биле во салата ја потврдија веста, и тоа дека потоа и самите имале пријателски разговор со него.
Играчот за кој наводно Парондо бил заинтересиран има актуелен договор со клубот за кој настапува. Според нашите информации, доколку клубовите се договорат, тој може прво да биде на калење во Шпанија, а потоа да замине за Мелсунген.
Тој дојде во Мелсунген во 2021 година и клубот со него се наоѓа при врвот во Бундес лигата, а многу веројатно ќе игра во Европа следната сезона. Во моментов во клубот играат и двајца поранешни вардарци кои беа европски шампиони, Кристопанс и Мораеш.