Парондо: Натпреварите против Вардар ќе бидат нешто посебно за мене

Шпанскиот стратег Роберто Парондо го однесе германскиот Мелсунген одново во европските купови по пауза од четири сезони.

Бундеслигашот ќе се соочи со исландскиот Валур, португалскиот Порто и поранешниот тим што беше предводен од Парондо, македонски Вардар.

Шпанецот на стартот на тренерската кариера работеше во ЖРК Вардар и Вардар, со кој ја освои титулата во Лигата на шампионите, а финалето против Веспрем беше последен меч за него на „црвено-црната“ клупа во 2019 година пред да замине во Египет.

„Тоа е најголемиот трофеј што може да се освои, особено кога никој тоа не го очекува. Имавме многу нови играчи во тогашниот состав, па навистина јас бев многу горд на мојот тим“, вели Парондо.

Тој и неговиот тим два пати ќе се соочат со Вардар.

„Имав многу моменти како играч или тренер соочувајќи се со поранешните клубови, но натпреварите со Вардар ќе бидат нешто посебно за мене. Јас и моето семејсто живееме во Скопје долго време, имам прекрасни спомени и посебни моменти со овој клуб“, заврши Парондо.

Вардар гостува кај Мелсунген на 15 октомври, додека германскиот тим и Парондо ќе дојдат во Скопје на 26 ноември.