Македонските „лавици“ им дадоа 40 гола на црногорските Лавице

Македонскиот шампион како што одминува сезоната така ги спојува сите коцки во мозаикот, а добрите игри носат и победи, па така на второто гостување во регионалната лига Ѓорче Петров „двицифрено“ со 40-25 го победија тимот на Старс Лавице. Македонските „лавици“ одиграа одлично за нови бодови со кои се искачуваат во горниот дел од табелата од шест екипи во Б групата.

Екипата на Старс Лавице од Цетиње ја предводи Игор Марковиќ, новиот селектор на сениорките на Македонија. Тој го предводи тимот што сезонава се направи, и е основан од ракометните ѕвезди на Црна Гора. Можеше да види Марковиќ на дело некои од македонските репрезентативки, иако самиот имаше повеќе проблеми околу сопствениот тим кој немаше решение на скопјанки.

Ѓорче Петров уште од почетокот ја презеде контролата и во седмата минута поведе со 4-1. Старс успеа да се доближи на 4-5, но македонскиот шампион брзо возврати и повторно се одлепи на 8-4.

Домашниот состав во 15. минута остана без Никиќ, која доби директен црвен картон. По погодокот на Томиќ за 5-8, ракометарките на Ѓорче Петров направија серија од 4-0 и стигнаа до највисоки седум гола предност, 12-5.

Старс со три последователни погодоци намали на 8-12, а во 24. минута се доближи и на 9-13. Сепак, Ѓорче Петров не дозволи целосно враќање на противникот и до паузата ја задржа сигурната предност.

Вториот дел донесе сигурна игра со која предноста не само што беше двоцифрена, туку на моменти и „плус 15“ гола. Во 43 минута беше највисоката предност, 30-14. Немаше дилеми околу победникот, освен конечниот резултат.

Кај Ѓорче Петров по 8 гола постигнаа Ризоска и Вранчиќ, а еден помалку даде Бојана Коцева. Кај домашните ракометарки, 8 гола даде Томич.

 

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.