Ројевиќ искрен по „минус девет“: Ова беше многу лош ден

Охрид не успеа да го оправда епитетот дерби и беше убедливо поразен од Вардар со 27-18 во СЦ „Јане Сандански“. Тренерот Борис Ројевиќ призна дека неговата екипа одиграла многу лош натпревар, дека ракометарите биле во грч и дека ништо од договореното не било реализирано на теренот.

Гостите уште во првото полувреме се најдоа во голема негатива, а проблемите дополнително се зголемија по повредата на Томислав Јагуриновски во почетната фаза од натпреварот.

„Одигравме многу лош натпревар. Вардар имаше огромна желба од првата до последната минута. Се виде дека сака да нè победи со што поголема разлика. Ние влеговме во голем грч. Кај голем број од ракометарите се почувствува атмосферата, а некои од нив можеби првпат играа пред ваков амбиент и во оваа сала. Искрено, изгледавме загубено, не личевме на себе и сè што го договаравме пред натпреварот падна во вода“, изјави Ројевиќ.

Охрид рано остана и без Јагуриновски, кој беше еден од ретките расположени ракометари на гостинската екипа во почетните минути.

„Јагуриновски се повреди уште во десеттата минута, а до тој момент беше доста конкретен кон противничкиот гол. Едноставно, ова беше многу, многу лош ден за нас. Минатата сезона имавме еден ваков лош натпревар во Битола. Вакви работи се случуваат во текот на сезоната, а нам ни се случија сега.“

Ројевиќ не беше задоволен од пасивноста во нападот и од недостигот на решителност кај своите ракометари.

„Како што изгледаше од моја перспектива, воопшто не одевме стопроцентно кон голот. Беше очигледно дека кај ракометарите постои некаков грч. Не знам што точно се случи. Не бевме доволно решителни и затоа нападите изгледаа пасивно. Едноставно, ништо од она што го подготвувавме не функционираше.“

Тренерот на Охрид потсети дека и минатата сезона екипата имала сличен тежок момент, по кој успеала да се крене и да одигра на многу повисоко ниво.

„Минатата сезона во Битола одигравме речиси идентичен натпревар. И тогаш бевме во некаков грч, но потоа се кренавме и одигравме одлични натпревари, како во Европа, така и во домашното првенство. Лош ден му се случува на секого. Тоа сега му се случи и на Пелистер против шпанскиот претставник во Лигата на Европа.“

За Ројевиќ најважно е убедливиот пораз да не остави подлабоки последици и екипата што побрзо да се врати во победнички ритам.

„Ова беше нашиот лош ден и најважно е ваквото издание да не продолжи. Мораме веднаш да се подигнеме, бидејќи нè очекува уште еден дерби-натпревар. Победата ни е многу потребна за да се кренеме по овој пораз. Оваа сезона повеќепати игравме против Вардар и имавме одлични моменти и добри натпревари. Вечерва повторно не личевме на себе, но се надевам дека на следниот натпревар сè ќе биде поинаку“, заврши Ројевиќ.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾

Дерби само на хартија: Вардар го надигра Охрид во „Јане Сандански“