Селекцијата на Египет ја забележа првата победа на Олимписките игри во Париз, откако славеше против Унгарија со 35-32, во меч кој го судеа македоснките арбитри Николов и Начевски. Египќаните за малку можеа да направат од „готово-вересија“, но сепак одново влегоа во ритам во финишот и успеаја да слават против незгодниот ривал.
„Фараоните“ водеа и со плус осум гола на два пати во првото полувреме, 15-7 и 16-8, но избраниците на Чема Родригез, намалија до паузата половина од негативата.
Како одминуваше времето во вториот дел, така Унгарците уште повеќе ја топеа предноста на Египет, во серија влезе Анчин, погодуваше и Имре за реми, 23-23.
Беше и 24-24, но унгарскиот напад затаи, Јахја поведе нова египетска серија и „фараоните“ се одлепија на плус три, 27-24.
Унгарците не се откажуваа, преку Бодо одново стигнаа до минус еден во финишот, 33-32, но потоа тој заработи исклучувањ, Јахја даде гол кога нападот беше пасивен и немаше време за нов камбек на Унгарија.
Кај Унгарците се истакнаа Имре со седум и Фазекаш со пет гола, додека голманите Палашич и Бартуч имаа десет одбрани. Во победничкиот состав блескаа Јахја и Адел со по девет погодоци.