Ракометарите на Охрид се вратија на победничките патеки во Супер лигата, откако по поразот од вицепрвакот во Автокоманда, на домашен терен славеа против Куманово со 33-25.
Победникот беше решен уште по првиот дел, кога момците на Стевче Алушовски имаа десет гола предност, а второто полувреме беше искористено за минутажа на сите ракометари и воигрување нови комбинации.
Кумановци имаа проблеми со ростерот, во Охрид допатуваа само со 11 ракометари, кои тешко го следеа домашниот ритам. И по десет кола, остануваат една од двете екипи што досега нема ниту една победа во суперлигашкото друштво.
На стартот беше 3-0 за Охрид со головите на Цирар, Ојлески и Бојаниќ, а потоа и 5-1, 8-2 и веќе стана јасно каков натпревар ќе гледаме до крај. До паузата домашните обезбедија плус десет, 19-9.
Во второто полувреме немаше големи возбудувања. Тасески, Дрогришки, Ристески…беа расположени за игра, па Охрид во еден момент имаше и 11 гола разлика, која кумановци во финишот малку ја намалија.
Најдобри стрелци во победничкиот табор беа Никола Шипинкоски и Владимир Бојаниќ со по пет реализации, додека во екипата на Куманово, седум гола имаше Уча Гамзардија, а по пет пати погодија Дарио Симоноски и Јован Даневски.