Охрид доби(ва) класа играч – Стрмљан го реши Рајн Некар, Хановер на врвот во Бундес лигата

За новата сезона во Охрид доаѓа средниот бек од бундеслигашот Хановер, Тилен Стрмљан, а по неговата партија против Рајн Некар Левен во Бундес лигата, се потврди фактот дека „гладијаторите“ направиле добар „дил“.

Стрмљан по подолго време доби поголема минутажа и улога на теренот, а имаше важна улога во големиот триумф во Манхајм со 36-35.

Одигра околу триесетина минути, а за тоа време на теренот успеа да постигне три погодоци од три обиди, изнуди и три седмереци, но и подели пет асистенции кон соиграчите.

Во првиот дел кога Хановер ја градеше клучната предност, доминираа на теренот Усчинс и Стенхаусер, но во второто полувреме новиот „гладијатор“ ги носеше гостите кон важен триумф.

Сега Хановер е лидер на табелата, има 37 бодови, а Мелсунген има 36 и падна на второто место по поразот на гости кај Хамбург.

Освен Стрмљан, во Охрид за следната сезона досега потврдени се трансферите на десниот бек Предраг Вејин и кружниот напаѓач Николаос Лиапис, како и тренерот Борис Ројевиќ.