Вардар е вториот финалист на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски, откако во дуелот што одлучуваше која екипа ќе го освои првото место во групата, славеше против Целје со 31-27. Победникот беше решен кон финишот на првиот и почетокот на вториот дел, кога Вардар ја направи клучната предност.
Младиот словенечки тим се покажа како многу незгоден, и успеваше да одолее на притисокот на вардарци. Се играше најчесто гол за гол, имаше дури десет израмнувања на резултатот, пред Родригез и Горига да се погрижат за плус два за Вардар, 12-10.
Беше и 14-11 за „црвено-црниот“ тим, пред голманот на Целје, Жељко Козина, да добие директен црвен картон, поради стартот надвор од шесте метри над Родригез. Тоа се случи на две минути до крајот на првиот дел, а потоа вардарци постигнаа уште два гола за плус пет на паузата, 16-11.
Голманот Мигел Еспиња блескаше меѓу стативите на Вардар на стартот на второто полувреме, се надоврза и Гогов со одбранет пенал, а Лазаревски погоди за највисоки плус седум, 20-13. Нападот на Целје затаи во продолжение, правеа и технички грешки момците на Пауло Переира и веќе беше 22-14.
Недановски се лутеше на секоја грешка на вардарци и повика тајм-аут, иако неговиот тим имаше висока позитива. Посакуваше противникот да биде дотолчен до крај и не обрнуваше внимание на резултатот, но имаа мала криза „црвено-црните“ кога Целје успеа да се доближи на минус пет, 24-19.
Гогов одбрани еден удар, но и неговите соиграчи згрешија, па беше 25-20 кога почнаа последните десетина минути од натпреварот. Иако Целје не се предаваше, немаше време за нешто повеќе да направи словенечкиот тим на овој натпревар.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Горига со пет, како и Крсманчиќ и Срдановиќ со по четири гола, додека голманите Еспиња и Гогов имаа солидни партии на „црвено-црниот“ гол. Во составот на Целје, Урош Миличевиќ даде девет гола.
Утрешниот финален натпревар против „сино-белите“ од Автокоманда ќе се одигра со почеток во 20:00 часот, а претходно во борбата за третото место ќе се соочат Олимпијакос и Целје.