Освојувачот на македонскиот Куп е на чекор до финале на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Тимот од Автокоманда го совлада грчкиот првак со 28-26 и сега ќе го чека победникот од дуелот меѓу Вардар и Целје.
Македонскиот претставник тргна добро, поведе со 5-3, но тогаш нападот на тимот од Автокоманда затаи, иако Галевски беше одличен на голот. Грчкиот првак преку Лиапис и Михаилидис, како и преку лидерот Периќ, успеа да направи комплетен пресврт.
Поведе Олимпијакос со 8-5, потоа уште повеќе ја зголеми предноста, која се искачи на плус пет, 13-8, а промаши и контра за шест гола разлика. Но „сино-белите“ успеаја да се соземат во финишот и по тајм-аутот на Лазаров да стопат дел од негативата, 13-11. На пауза се замина со водството на тимот од Грција со 14-12.
Тимот на Жељко Бабиќ ја одржуваше разликата на стартот на вториот дел, но како се движеше времето така македонскиот освојувач на Купот се враќаше во игра. Не само што израмни, туку и поведе по четириесетина минути игра со 19-18.
Кизиќ го замени Галевски на голот во финишот, фати два удари на Грците и „сино-белите“ полека ја преземаа контролата на теренот, 24-21. Михаилидис погоди два пати по ред и најави драма во последните пет минути, 24-23.
Сепак Грците погрешија во следните два напади, беа казнети за тоа и македонскиот тим ја задржа предноста до крајот.