OХРИД 2024: Лазаров – На турнирот ќе има квалитетен ракомет, за трофејот ќе решаваат нијанси

Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.

Покрај домаќинот Охрид, од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.

Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.

Тренерот на Алкалоид, кој за првпат ќе игра на турнирот во Охрид, ги сподели очекувањата од настапот во СРЦ „Билјанини Извори“.

„Турнирот ќе го искористиме за воигрување на екипата за предизвиците што ни следат во текот на сезоната. Сакаме да градиме победнички менталитет, но во исто време шанса ќе добијат сите играчи што ги имаме на располагање. На турнирот ќе ни недостасува нашиот младински и кадетски репрезентативец Дамјан Митев, поради обврски со националниот тим. Митев ќе добие заслужен одмор по обврските со националните селекции“, вели Лазаров.

Тој очекува интересни и квалитетни средби.

„Имаме максимален респект за сите тимови кои што се во нашата група. Имаат одлични ростери и доаѓаат од земји со богата ракометна традиција. Се работи за квалитетен турнир со квалитетни тимови. Затоа и ја прифативме поканата на домаќинот Охрид. Ќе има многу интересни и квалитетни дуели со добар ракомет. Ќе решаваат нијанси, за трофејот ќе има повеќе конкурентни екипи“, продолжи Лазаров.

Освојувачот на Купот на Македонија годинава ќе настапи на меѓународна сцена во Европскиот Куп.

„Нашите цели за оваа сезона се да бидеме на врвот на македонскиот ракомет, давајќи шанса на наши, македонски играчи, да се развиваат квалитетно играјќи против квалитетни тимови и на квалитетни натпревари во текот на сезоната. Новиот систем на натпревари ќе придонесе многу за тоа. Во Европа, сакаме да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло и да отидеме што е можно подалеку во Европскиот Куп“, заврши Лазаров.

Капитенот на тимот од Автокоманда, Игор Ѓорѓиев, вели дека предизвик е настапот на турнирот во Охрид.

„Турнирот во Охрид ни претставува предизвик, затоа што на него учествуваат квалитетни екипи и ние очекуваме да се прикажеме во најдобро можно издание. Некои од ривалите ни се подобро познати, некои не толку, но преку анализа мислам дека можеме да имаме појасна слика за секој противник. Како што напоменав, на турнирот учествуваат квалитетни екипи и со тоа конкуренцијата е голема и не би можел во овој момент да одредам фаворит за освојување на трофејот“, вели Ѓорѓиев.

Претходната сезона беше успешна за неговиот тим, а капитенот посакува уште подобра следна сезона.

„Нашата цел е да одиграме квалитетна сезона и со тоа да се прикажеме во најдобро можно светло како во македонското првенство така и во Европскиот Куп“, заврши Ѓорѓиев.

АЛКАЛОИД

заминаа: Виктор Василевски, Дарио Кофилоски (Тиквеш), Мартин Димовски (Тиквеш), Стефан Стојчевиќ (Пролет)

дојдоа: Марко Кизиќ (Еурофарм Пелистер), Никола Костески (Плзен), Михаил Иваноски (Мулти Есенс), Франциско Силва (Егер)

Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:

20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар

21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје

22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос

23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје

24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале