По два порази и едно реми, екипата на Охрид со победа го заврши настапот на 3. меѓународен турнир “Крсте Андоновски“ откако во меч за 7. место го победи Ловќен со 42-25 (22-15). Првпат една екипа на турнирот годинава постигнува повеќе од 40 гола
На домаќинот му требаа 18 минути да го преземе водството, кога поведе со 11-10. Потоа некако беше полесно, полека се користеа шансите, се „кршеше“ ривалот. Почна Охрид да игра добро, па имаше можност преку контри по пресечени напад на противникот да постигне лесни голови.
До крајот на полувремето предноста се искачи на „плус 7“ за водство 21-14, а потоа и 22-15. Крсте Андоновски имаше свое полувреме постигнувајќи во тој период пет години. На спротивната страна Божо Брновиќ постигна шест гола.
Само што почна вториот дел домашните тргнаа повторно силно, односно продолжија како што играа во вториот дле од првото полувреме. За три минути водството се зголеми на 25-16 што дотогаш беше највисока предност за Охрид.
Во 39 минута првпат предност отиде на „плус 10“ за водство 28-18 за Охрид. Ловќен веќе беше „скршен“ и немаше сила да му парира на домаќинот. Сите очекуваа побрзо да завршат последните 20 минути од мечот.
Младите, и оние од „втората постава“ на Охрид ги добија своите минути, и сакаа и успеаја да го убедат тренерот дека имаат квалитет. Ја качија предноста на 37-20, и со толку висока разлика се влезе во последните десет минути. Неизвесно беше само со која разлика ќе заврши мечот.