Селекторот на машката сениорска репрезентација на Словенија, Урош Зорман, повика уште двајца играчи за подготвителниот период пред двата воведни квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2026.
Станува збор за искусниот среден бек и актуелен член на Висла Плоцк, Миха Зарабец и екс ракометарот на Вардар, Грегор Оцврик, кој првпат добива шанса да ги покаже своите квалитети во сениорската репрезентација.
Оцврик игра во одлична форма во Плер од Будимпешта, на седум одиграни натпревари во унгарскиот шампионат постигна 67 погодоци, моментално е лидер на стрелците, а неговите одлични партии беа забележани од словенечкиот стручен штаб.
На списокот кај Зорман се најдоа и средниот бек од Еурофарм Пелистер – Домен Тајник, за кој ова е деби повик за сениорската селекција на Словенија, како и десниот бек на битолчани, Нејц Цехте.
Словенија е еден од ривалите на Македонија во квалификациите за пласман на континенталниот собир 2026. За време на претстојната ЕХФ недела Словенија ќе се соочи со Литванија дома и со Естонија на гостински терен.
Пелистерците Тајник и Цехте добија репрезентативен повик за евро-квалификациите