Поранешниот македонски репрезентативец Бранислав Ангеловски повторно седнува на тренерската клупа во Битола. Според информациите на 24Ракомет Ангеловски треба да биде името на новиот тренер на Еурофарм Пелистер 2, со што „двојката“ треба да биде повторно екипа од каде ќе доаѓаат идните „првотимци“.
Откако лани „за влакно“ тимот не стигна до плеј-офот, сега влегува во мисија да биде место каде ќе се „челичат“ идните првотимци и репрезентативци. Целта ќе биде да се соберат најперспективните играчи да созреат и потоа де тропаат на вратат на првиот тим.
Ангеловски добро ја познава средината во Битола. Во 2023 година се врати во клубот како спортски директор на Еурофарм Пелистер, откако претходно работеше во романска Констанца и како тренер на Мулти Есенс. Подоцна доби и тренерска улога во првиот тим на битолчани, најпрво како привремено решение, а од јануари 2024 година и како перманентен тренер до крајот на сезоната.
Во таа сезона Еурофарм Пелистер ја одбрани шампионската титула во Македонија, а Ангеловски ја освои првата тренерска титула во домашниот ракомет. Тој го водеше тимот и во Лигата на шампионите, каде битолчани имаа тешка група, но и натпревари што беа значајни за враќањето на клубот на највисокото европско ниво. Тој е тренер што го освои првиот бод за битолчани во ЛШ, против Спортинг.
Пред враќањето во Еурофарм Пелистер, Ангеловски имаше успешен период во Автокоманда како тренер на Мулти Есенс. Со младиот тим од Скопје доминантно ја освои Првата лига и избори пласман во Супер лигата без пораз, што беше еден од најважните моменти во неговата тренерска кариера. Исто така беше и младински првак на Македонија. Клубот под негово водство беше проект со јасна структура, млад состав и резултатски континуитет, а токму тој профил на работа може да биде важен и за Еурофарм Пелистер 2.
Вториот тим на битолскиот клуб има јасна улога во системот на „Платформата за ракометна Битола“ – да биде простор за развој на млади и талентирани ракометари и мост кон првиот тим. Во официјалната клупска поставеност, Еурофарм Пелистер е носителот со високи европски амбиции, додека Еурофарм Пелистер 2 треба да биде развоен клуб, исполнет со млади играчи и потенцијал за иднината.
Токму затоа ангажманот на Ангеловски би бил логичен потег. Станува збор за тренер кој веќе покажал дека знае да работи со млад тим, да го развие и истовремено да донесе резултат. Примерот со екипата од Автокоманда е најдобар доказ за тоа, бидејќи тој проект за кратко време стигна од Прва лига до суперлигашко ниво.
Ангеловски има и богата играчка биографија. Беше македонски репрезентативец и еден од најистакнатите играчи од својата генерација, а во домашната кариера настапуваше за Пролет, Вардар, Металург и Пелистер. Интернационално играше за Загреб, Винтертур, Тулуз, Ал Аин и Констанца, а подоцна беше дел и од стручниот штаб на македонската репрезентација како помошник на Кирил Лазаров. Беше дел од стручниот штаб и на Раде Стојановиќ во машката кадетска и младинска репрезентација.
Со неговото евентуално враќање во Битола, Еурофарм Пелистер 2 би добил тренер со силно играчко и тренерско искуство, но и човек кој веќе ја познава клупската филозофија. За младите ракометари тоа би значело работа со стратег што минал низ големи клубови, репрезентација, Лига на шампиони и домашни титули.
Битолчани во новата сезона ќе се обидат да го стабилизираат вториот тим и да му дадат поголема развојна функција, а Ангеловски може да биде централна фигура во тој процес. Ако договорот се официјализира, тоа ќе биде уште едно враќање на познато ракометно име во Битола – овојпат со задача да ја гради иднината на клубот.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























