Обрван ја води Подравка до титула

Поранешниот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, Ивица Обрван, кој во текот на месец јуни оваа година ја презеде тренерската позиција во некогашниот европски гигант Подравка, се наоѓа на вистински пат да ја освои првата шампионска титула како тренер на женска екипа.

Подравка во минатата сезона не ги оствари зацртаните цели, посебно на европска сцена каде имаше лоши резултати, па така раководството на клубот одлучи на местото на Жељко Бабиќ на седне Ивица Обрван.

Екс македонскиот селектор ја препороди Подравка и веќе по четири одиграни кола во хрватскиот шампионат неговиот тим има голема предност пред вечниот ривал Локомотива Загреб.

Подравка во натпревар од 4. коло силите ги одмери со клубот од Загреб и полесно од очекуваното дојде до триумф од 24:18. Во корист на Подравка оди и загубениот меч на Локомотива Загреб од Осијек (22:21), па така тимот на Обрван до крајот на сезоната доколку не направи кикс, ќе ја врати шампионската титула во свои раце.

Главен ривал на Подравка сега стана Зрињски, екипа која има „три од три“. Токму во следното, 5. коло, тимот на Подравка на свој терен ќе го пречека Зрињски.