Domen NOVAK, Slovenia vs Denmark, Men's EHF EURO 2024 Germany, Hamburg, Germany, 23.01.2024, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Новак херој на Словенија, Сигурдсон со деби победа на клупата на „коцкестите“

Репрезентациите на Словенија и Хрватска со победа го започнаа настапот на олимписките квалификации, откако во првото коло беа подобри од Бразил, односно Австрија.

Словенците во неизвесниот дуел со јужноамериканската репрезентација славеа со 27:26, а победничкиот гол беше дело на Домен Новак, кој во последната секунда го постигна првиот, но најважниот гол на натпреварот.

Избраниците на Урош Зорман сега имаат два бода на свое конто, во следното коло за ривал ја имаат репрезентацијата на Шпанија, потоа ќе се соочат со Бахреин.

Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман на Олимписките игри во Париз.

На победа се радуваше и Хрватска, која предводена од новиот селектор Дагур Сигурдсон славеше над Австрија со шест гола разлика, 35:29.

Иако на полувреме беше 16:16, сепак, хрватската репрезентација со одличната игра во вторите 30 минути успеа да стигне до важна победа.

Одличен натпревар во победничката репрезентација имаше Иван Мартиновиќ, постигна девет погодоци, шест додаде Срна, а Шоштариќ зад своето име имаше пет реализации.

Кај Австрија прв стрелец беше Никола Билик со осум погодоци, втор на листата на стрелци беше екс ракометарот на Металург, Јанко Божовиќ.

Хрватите во второто коло од олимписките квалификации ќе се сретнат со Германија, а во последното коло ќе играат против Алжир.

Унгарија без проблеми одигра против Тунис, триумфираше со 33:24 и со лесна победа се загреа за натпреварот со силната Норвешка.

Освен олимписките квалификации, денес на програмата беше и еден натпревар од првиот бараж за Светското првенство 2025.

Финска и Литванија во неизвесен дуел одиграа без победник, 20:20 (9:9), па така патникот во вториот бараж ќе се одлучува во недела.

Квалификации за ОИ, резултати, 1 коло:

Група 1 (Гранољерс)

Шпанија – Бахреин 39:27 (18:11)
Словенија – Бразил 27:26 (13:12)

Група 2 (Хановер)

Германија – Алжир 41:29 (16:13)
Хрватска – Австрија 35:29 (16:16)

Група 3 (Татабања)

Норвешка – Португалија 32:29 (18:13)
Унгарија – Тунис 33:24 (17:10)

Стартни победи за Германија, Норвешка и Шпанија во олимписките квалификации