Нов тренер доаѓа во Автокоманда – сегашниот ќе добие отказ

Најмалку двајца играчи ќе бидат префрлени кај македонскиот вицепрвак зимава за тимот да биде поконкурентен во првенството.

Неколку месеци откако беше ангажиран тренер со кој требаше да се брка што е можно подобар пласман, а сепак ќе мора да играат за опстанок, дебитантот во Супер лигата, Мулти Есенс ќе добие нов предводник од клупата.

На сегашниот тренер, Иван Марковски веќе му е соопштено дека нема да продолжи со тимот, а на негово место треба да се приклучи Алексо Лембанов.

Неговото приклучување во тимот веројатно ќе му донесе и некоја селекторска функција бидејќи дел од членовите на стручниот штаб од двата клуба од Автокоманда имаат „раководни функции“ и во репрезентациите.

Причината за смената на Марковски е „менување на клупската политика“, а освен тоа што тој ќе замине од тренерското столче, двајца ракометари од тимот ќе бидат префрлени кај „поголемиот брат“ кој е под надзорната лупа на селекторот.

Во првиот тим треба да бидат пивотменот Валентин Карасманакис и крилото Мартин Димовски. Двете позиции на кои тие играат се дефицитарни кај „европскиот тим“ бидејќи таму има играчи кои имаат повредени лигаменти. Со нив тимот што лани „несакајќи“ беше вицешампион сега ќе се обиде да брка титула во Македонија.

Отказот за Марковски доаѓа откако во август тој беше промовиран за нов кормилар, но резултатите не беа на негова страна. Тимот е на делба на последното место во Б групата, со 6 бода исто колку и Вардар Неготино. Во последното коло двата тима директно ќе решаваат кој ќе пренесе 1 бод во разигрувањето за опстанок.