НИШТО НЕ Е ГОТОВО: Која екипа ќе стартува со предност во битките за титула и опстанок?

Денеска и утре ќе се играат шесте натпревари од последното коло од регуларниот дел од Супер лигата, пред екипите да ги формираат плеј-оф и плеј-аут групите, за најважниот дел од сезоната.

Веќе се знаат патниците во разигрувањата за титулата (Еурофарм Пелистер, Вардар, „сино-белите“ од Автокоманда, Охрид, Тиквеш и Бутел Скопје) и за опстанок (Пролет, Прилеп, Куманово, Борец ФЛ, Струга и Радовиш), но се уште не е познато за дел од екипите колку бодови ќе пренесат во своите групи.

Само тимот на Охрид е сигурен со еден бод во плеј-офот, без разлика на исходот од последното коло, додека другите пет тима в среда ќе дознаат колку бодови носат во разигрувањето за титулата.

Кај оние што ќе се борат за опстанок, има само една непозната – дали Пролет и Прилеп ќе ја има стартната предност во тешките битки и ќе пренесе три бода. Останатите четири екипи веќе знаат со колку бода ќе ја почнат борбата за опстанок во елитното друштво.

Супер лига, плеј-оф:

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – 3/2

Шампионот гостува кај Прилеп и ќе мора да победи, но ниту тоа нема да му гарантира дека ќе пренесе три бода во битката за титулата. Ако тимот од Автокоманда загуби или ремизира со Охрид, а притоа и Вардар ја совлада Струга, тогаш „црвено-црните“ поради подобриот меѓусебен двобој со битолчани ќе бидат први на табелата и ќе пренесат три бода. Во тој случај првакот и тимот на Лазаров со два бода ќе влезат во плеј-оф.

ВАРДАР – 3/2

Вардарци дома ја пречекуваат Струга и ќе се надеваат на кикс на „сино-белите“ од Автокоманда против охриѓани за да бидат први на табелата, без разлика на резултатот од дуелот меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер. Во случај на победи на трите водечки екипи, тогаш вардарци ќе влезат со два бода во битката за титулата.

АЛКАЛОИД – 3/2

За ракометарите на Кирил Лазаров, двобојот со Охрид има резултатска важност, но може да стане неважен во вторник навечер кога ќе завршат дуелите на Вардар и Еурофарм Пелистер. Ако двата тима победат, тогаш „сино-белите“ носат два бода во плеј-офот, без разлика на резултатот со Охрид. Серафимов и компанија ќе чекаат кикс на битолчани, за да можат со триумф над момците на Стевче Алушовски да се искачат на врвот и да пренесат три бода.

ОХРИД – 1

„Гладијаторите“ без разлика на исходот на мечот од последното коло ќе останат на четвртото место и ќе пренесат еден бод во разигрувањето за титулата, каде се надеваат ќе ги замрсат сметките на главните фаворити.

ТИКВЕШ – 1/0

Кавадарчани имаат „зицер“ на домашен терен и со реми или победа против Борец ФЛ ќе завршат на петтото место и ќе пренесат еден бод. Во случај на пораз од велешани ќе чекаат пораз на Бутел Скопје од Пролет за да имаат бод „в џеб“ за плеј-офот.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – 1/0

Избраниците на Горан Кузманоски го пречекуваат Пролет и само со победа на овој меч, како и пораз на кавадарчани дома од Борец ФЛ, ќе бидат петти. Во секој друг случај ќе завршат на шестото место и без бодови ќе влезат во битката за титула.

Супер лига, плеј-аут:

ПРОЛЕТ – 3/2

Пролет има подобар меѓусебен дуел со Прилеп, иако двата меча завршија реми, но повеќе голови на гости постигнаа скопјани. Избраниците на Матлиески со триумф или реми кај Бутел Скопје сигурно ќе бидат седми и ќе пренесат три бода во плеј-аут, но и со пораз може да се случи истото ако прилепчани загубат дома од Еурофарм Пелистер.

ПРИЛЕП – 3/2

Прилепчани го пречекуваат шампионот Еурофарм Пелистер и се големи аутсајдери, но ако сакаат стартни три бода во битката за опстанок мора да направат сензација, плус да очекуваат пораз на Пролет кај Бутел Скопје. Во секој друг случај ќе пренесат два бода во разигрувањето за спас во елитната конкуренција.

КУМАНОВО – 2

Кумановци во последното коло од регуларниот дел му гостуваат на Радовиш, но без разлика како ќе заврши овој меч, избраниците на Љубиша Димковски во битката за опстанок ќе пренесат два бода.

БОРЕЦ ФЛ – 1

Велешани и да победат на гости во Кавадарци, а Куманово да загуби кај Радовиш, сепак ќе останат на истата позиција на табелата и во плеј-аутот ќе пренесат еден бод поради послабиот меѓусебен дуел со кумановци.

СТРУГА – 1

Стружани му гостуваат на Вардар и овој натпревар треба да го искористат како подготовка за тешката битка за опстанок што ќе ја стартуваат со еден бод, без разлика дали ќе останат на претпоследното место или ќе се искачат место погоре.

РАДОВИШ – 0

Радовишани го засилија ростерот и со новиот стратег Игор Котевски, како и четворицата странци ќе стартуваат без бодови во плеј-аутот, но ќе бидат меѓу главните фаворити за опстанок во елитното друштво

Супер лига, 22 коло, распоред:

25/3, 17:00, Вардар – Струга
25/3, 17:00, Тиквеш – Борец ФЛ
25/3, 18:00, Бутел Скопје – Пролет
25/3, 19:30, Прилеп – Еурофарм Пелистер
26/3, 18:00, Радовиш – Куманово
26/3, 19:00, Алкалоид – Охрид

ПозЕкипаНПРЛБ.
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР21190238
2ВАРДАР 196121190238
3АЛКАЛОИД21190238
4ОХРИД21142530
5ТИКВЕШ 201422113825
6БУТЕЛ221201024
7ПРИЛЕП21731117
8ПРОЛЕТ22651117
9КУМАНОВО21501610
10БОРЕЦ Ф.Л.2224168
11СТРУГА2131177
12РАДОВИШ2112184