Српската легенда Катарина Крпеж Шлезак и некогашна ракометарка на Металург, дури и на 38 години продолжува да игра на високо ниво. По неколку успешни сезони во романските Крајова и Корона Брашов, искусното десно крило повторно ќе настапува во Унгарија.
Деветтопласираниот тим од минатата сезона во унгарскиот шампионат, Будаерш, ја претстави поранешната српска репрезентативка како големо засилување за сезоната 2026/27. Крпеж Шлезак потпиша едногодишен договор.
„Мојата ќерка сега тргнува на училиште, па и јас и сопругот сметавме дека е време за преселба. Нашиот план отсекогаш бил по завршувањето на кариерата да живееме во Унгарија. Слушнав многу убави работи за Будаерш, за управата, тренерот и играчките. Сите ми кажаа дека тука владее семејна атмосфера, па одлуката не беше тешка“, изјави Крпеж Шлезак.
Таа веќе има богато искуство во унгарскиот ракомет, бидејќи од 2014 до 2020 година го носеше дресот на Ерд, а потоа настапуваше за руски Ростов Дон, словенечки Крим пред да се пресели во Романија. Дo 2011 година играше во Србија, а една сезона мина во Металург, кој ја лансираше меѓу најдобрите ракометарки на таа позиција во светот.
Крпеж Шлезак дури трипати беше најдобар стрелец на унгарскиот шампионат, во 2016, 2018 и 2019 година, а пред само неколку месеци се прости од репрезентацијата на Србија.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























