Не се шегуваат: Партизан донесе седум, а Војводина шест засилувања за следната сезона!

Војводина ја освои 12 титула по ред и ја продолжи доминацијата на домашна сцена, но добива сериозен конкурент за наредната сезона во тимот на Партизан.

Тимот од Белград успеа да договори седум засилувања за наредната сезона, меѓу кои и македонскиот интернационалец Бојан Маџовски. Покрај Маџовски, Партизан кој е предводен од Ѓорѓе Чирковиќ, ги донесе уште десниот бек Никола Црноглавац, пикерот Немања Ратковиќ, десното крило Марко Васиќ и средниот бек од Словенија, Миха Котар.

Допрва треба да се случи промоцијата на голманите Адмир Ахметашевиќ, босански репрезентативец што доаѓа од Винтертур, и Никола Зориќ, кој брани за Бенфика.

Од староседелците тука е капитенот Никола Зечевиќ, а нови договори потпишаа Младен Шотиќ, Иван Мичиќ, Вељко Поповиќ, Немања Марјановиќ, додека се очекува истото да го направи и екс членот на Металург и Еурофарм Пелистер, Немања Обрадовиќ.

Српскиот првак Војводина, ги донесе бразилскиот бек Жоао Педро Да Силва, како и пивотменот Бранко Предовиќ од Горење Велење. Иако непотврдено, според пишувањата на „Моцарт Спорт“, во Нови Сад доаѓа и левиот бек Милан Јовановиќ од Металопластика, кој се врати на вистински начин на терените по долгата пауза.

Војводина ги има „капарисано“ и левото крило од Ал Ахли, Ахмед Сеса, словенечкиот пивот од Олимпијакос, Миха Кавчич, како и хрватското десно крило Фран Милета.

Од актуелниот играчки кадар, договори имаат Пушица, Ѓорѓиќ, Трнавац, Пуховски, Воркапиќ, Вуковљак и Додиќ, додека се очекува нови соработки да бидат договорени со Николиќ и Лучин. Тунижанецот Абди исто така нема договор засега.

Од Нови Сад веќе замина пикерот Лука Роган, другите двајца пикери Ратковиќ и Пешиќ, се селат во Партизан, односно Охрид, а нова средина ќе има и крилото Дарко Миленковиќ.