НАЈ НАЈ НАЈ…СЕДМЕРЕЦ: Жељко ќе ја преземе Македонија ако Кире замине во НБА!

Македонија остана непоразена на пријателските во Солун, а една изјава ја збуни јавноста.

1.Солун е наш, ама Жељко не е

Македонија го освои Солун. Грција стана ракометна сила со француски советник. Судиите како главни играчи, беа против Македонија. Грчкиот селектор играше против Скопје. Ама, Македонија остана непоразена. Вредна победа за радост на јавноста. По ремито паника. Вината поделена со јавноста, оти грешки прават сите и селекторот и играчите …и јавноста! Ама Македонија е една.

И Жељко Обрадовиќ е најдобар, само што нема врска со ракомет. Ама џабе ќе ни биде и Жељко да дојде (и заради Македонија да ја батали кошарката), ќе го испратиме како Тута (таму некаде во 2005). Оти…играчите се тие. Така рече селекторот.

Ама, имаме добра атмосфера и покажуваме карактер.

Џабе, после тоа од погоре.

Бидејќи од контролките немаше ни слика ни тон, се сумира од тоа што било кажано и што беше пренесено и напишано за македонскиот ракометен поход на Солун во неделата на ЕХФ и стартот на подготовките на машката репрезентација на Македонија пред јануарскиот настап на ЕП 2024. Македонската селекција одигра два пријателски контролни натпревари со Грција, ставени под висок напон како да е бараж или борба за финале. Забележа едно реми и една минимална победа.

Ќе одигра уште два контролни натпревари во јануари, ама тие на наш терен. Ќе се изнаиграме со Грција, нека се радува јавноста. Па, после здравје Боже, на ЕП ќе одиме право на Франција, па на Германија и на Швајцарија.

Грција не е Франција, иако се пласира на ЕП и им задаваше проблеми на фаворитите во квалификациите. Ама, има француски советник во тимот, па фаќа некоја нишка со нашиот прв противник во Дизелдорф.

Нејсе. Дали е паметно, добро или не баш, да играш четири контролни натпревари пред ЕП со истиот противник, си знае стручниот штаб. Групата на ЕП е секако „изгор“, посебно првите два фаворити Франција и Германија, со Швајцарија така-така. Но, колку и да е тешка групата, поставена цел мора да има. И тоа јасно и гласно, со јасна линија што е реално, што е подвиг над реалното и што е потфрлање под. За да не биде после пак виновна само јавноста затоа што проектирала нереални очекувања.

Исцртајте ја црвената линија!

2.„Мечка“ да заигра

Кога ќе се сумираат впечатоците од првиот собир на репрезентацијата во подготовките пред ЕП 2024, има и позитивни и негативни. Со „дозволена статистичка грешка“ поради сумирањето од дистанца, се разбира.

Позитивно е проширувањето на репрезентативниот ростер со играчи што имаат константност и добра сезона на клупско ниво. Што би требало да е нормален процес во подготвителен период на една национална селекција, а не исклучок.

Никола Костески одамна, уште од времето кога Лино го избриша, чека шанса да се врати во репрезентативниот состав. И сега конечно доби можност пак да заигра за македонската репрезентација и тоа во една несекојдневна ситуација кога дели позиција со својот помлад брат Ненад. Ги поделија браќата Костески минутите на десната крилна позиција, па дури и головите. И двајцата постигнаа по два на двата натпревари во Солун. За Никола и Ненад момент што им донесе остварување на сонот.

Во проектот на новата македонска репрезентација со, во последните настапи вообичаено 2+2 фиксни, Милан Лазаревски не добиваше многу доверба на некогаш и прекубројната пикерска позиција. Но, по забележителните настапи за Вардар, не можеше да остане и понатаму незабележан на репрезентативниот список. „Мечка“ влезе во составот, но според извештаите, не се изнаигра(л) многу во Солун и остана(л) на нула голови што беше малку чудно со оглед на тоа што во Вардар речиси на секој натпревар има забележителна реализација. Или не го играле, или немало кој да го проигра, или не се вклопува во системот…или можеби го чуваат како скриен адут за Германија, што искрено и нема некоја логика. Или бил повикан само про форма заради јавноста. Или пак можеби има некоја шеста причина за да не се искористи еден од најкорисните македонски играчи сезонава. И со минутажа и со бројки пред запирката. Играчите се тие, нели!

Позитивни се враќањата од негатива, но негативни се осцилациите без разлика дали се резултат на недоволна подготвеност на играчите, погрешната селекција со дефицит на надворешната линија или пак на лоши ротации од клупата.

„Со ротациите малку изгубивме ритам, направивме некои почетнички грешки, што е нормално… Ние треба да гледаме каде ние погрешивме. Четири гола примивме на празен гол, по грешка во додавања. Тие грешки мора да ги поправиме и ако тоа го сториме ќе бидеме на добар пат“ – ова е дел од она што оди како забелешка во изјавата на Никола Митревски, клучен играч на голот и еден од најискусните во македонскиот состав.

3.Анегдотата за Тута

Позитивна е и борбеноста и желбата. Негативна е нервозата, стравот од грешка и од критика, префрлањето на одговорноста и барање алиби и каде што го има и каде што го нема.

Поразително е кога селектор или тренер, кој и да е и кога и да е, ќе каже – играчите се тие! Испраќа лоша, потценувачка порака кон тие што ги одбрал. А кон јавноста најлошото можно алиби – не сум јас крив, нив не ги бидува. На многумина токму тоа „алиби“ им се удрило од глава.

И, токму на муабетот за големиот Зоран Тута Живковиќ и неговата куса селекторска епизода во Македонија, кога веќе го спомна селекторот, имаше една анегдота што ја раскажуваа тогаш репрезентативците. Велеа било жива вистина (ако ме лажеле мене и јас ве лажам вас…ама не верувам затоа што тоа беа некои други искрени времиња…). Тута наводно не им ги знаел имињата на играчите што ги викнал во репрезентација. Кога му забележале, во една прилика им рекол „ма сите сте ми вие исти“. Мали и неважни за славниот тренер.

Играчите нe му го заборавиле тоа на селекторот. Македонија тогаш два пати беше поразена од Унгарија во баражот и не се пласира на ЕП 2006, а Тута Живковиќ со сета слава што ја имаше, не доби поддршка да остане на клупата. И никој нешто многу не се засекира за смената на еден од најдобрите тренери во историјата, најмалку играчите на кои селекторот не им ги паметеше имињата.

Актуелниот македонски селектор тогаш беше капитен на македонската репрезентација, сигурно се сеќава штом спомена како бил испратен Тута од Македонија

Знаете, некогаш не е лошо  да се пробуричка низ архивите и низ сеќавањата. Има таму интересни работи.

4.Младинците ја освоија Анкара

Иако „освојувањето на Анкара“ остана во сенка на „битката во Солун“, во склоп на репрезентативните активности во изминативе неколку денови, вреди да се одбележат и подготвителните настапи на младинците.

Машката младинска репрезентација на Македонија во Анкара славеше две победи против селекцијата на Турција, првата убедлива со дури 15 гола разлика, втората сигурна со +4. Овие натпревари на избраниците на тренер-селекторот Раде Стојановиќ се во склоп на подготовките на репрезентацијата за настапот на ЕП 2024 што ќе се одржи следното лето во Словенија.

И за разлика од грчот што носи и серија грешки кај сениорите, младинците оставаат многу порелаксиран впечаток во настапите. Не само поради победите, туку и поради односот во играта, делуваат покомпактно и играат многу порелаксирано.

Можеби е поради притисокот кој секако е помал во однос на оној што го има А репрезентацијата. А, можеби е и до различниот пристап во работата, во селекцијата на играчите и во играта. Како и да е, оваа репрезентација заслужува внимание бидејќи доаѓа генерација што ветува со играчи што реално можат да ја прошират сликата од она – играчите се тие.