На Хрватите не им е сеедно: Дувњак „грмел“ во соблекувалната, Сигурдсон лут, Срна се извинуваше…

Македонија ја намачи селекцијата на Хрватска, која на крајот едвај славеше со 27-25 во пријателски натпревар пред стартот на СП 2025.

Расположението не беше на ниво и покрај победата, па селекторот Дагур Сигурдсон упати критики за играта, особено во првиот дел.

„Во првиот дел одбраната беше ужасна, а шутот од далечина беше уште полош. Направивме премногу грешки на натпреварот. Сепак, вториот дел беше подобар и секако имаме потенцијал да се поправиме. Мораме да бидеме подобри во нападот”, изјави Сигурдсон.

Капитенот Домагој Дувњак вели дека се повторуваат истите грешки од претходно, и своето незадоволство го изразил со говорот на полувремето во соблекувалната.

„Победа си е победа, тоа не е за аларм, но мораме да играме многу подобро на СП. Ги повторуваме истите грешки како на ОИ, поведуваме, имаме предност, а потоа губиме се. Македонија ја стигнуваше нашата предност од три гола за две минути. Ова не смее да ни се случува. Но подобро што ни се случи сега, отколку на 15 јануари. Не беше толку лоша одбраната, колку што бевме бавни во нападот, немаше лесни голови, многу промашивме, бевме статични, а тоа не функционира така“, изјави Дувњак.

Десното крило Марио Шоштариќ призна дека Хрватска не одигра на ниво.

„Не смееме да повториме ваква игра. Не беше баш убаво во соблекувалната на полувремето, капитенот Дувњак ни кажа некои работи, пред се дека мораме многу подобро. Не бевме вистински и тоа може скапо да не чини на СП“, изјави Шоштариќ.

Левиот бек Звонимир Срна се извини на навивачите.

„Не бевме добри. Им се извинувам на навивачите. Се надеваме дека ќе им вратиме на најдобар можен начин“, изјави Срна.

Хрватска ќе игра уште една пријателска средба против Словенија пред СП, а во групата ја чекаат дуели со Аргентина, Бахреин и Египет.

Лазаров задоволен и покрај поразот: Тоа што сакавме да го видиме, го видовме