Младост Богданци со прво славје во плеј-офот

Ракометарите на Младост Богданци на свој терен одиграа доминантно против Металург РА триумфирајќи со 40:20 во натпревар од 3. коло од прволигашкиот плеј-оф.

За Младост Богданци ова беше прв триумф во разигрувањето за Супер лигата, откако во првото и второто коло загуби од Мулти Есенс, односно Еурофарм Пелистер 2.

Домаќините победата ја најавија уште во првиот дел, на полувреме заминаа со предност од 19:11 и рутински ги одработија вторите 30 минути.

Најефикасни во победничката екипа беа Уча Гамзардија и Ѓорѓе Атанасов, двајцата имаа по шест погодоци, а пет постигна Симон Мирчески.

Кај гостите први стрелци беа Бојан Поповски и Филип Петровски, кои имаа по пет реализации.