Младинска лига: Голден Арт со цел плен од Охрид, Младост триумфално низ Кавадарци

Со шесте одиграни натпревари во изминатите неколку дена комплетирано е третото коло во машка младинска лига. Шампионот Голден Арт ја забележа втората победа во новата сезона откако триумфираа на гостински терен кај Охрид со 25-22.

Момците на Филип Глигоров наидоа на силен отпор од страна на домашниот тим и дури кон крајот на мечот го решија победникот. На полувреме беше 11-11, Охрид водеше со плус два во вториот дел, но падна во финишот и гостите го искористија тоа. По 17-15 за Охрид, Голден Арт направи комплетен пресврт за водство, 22-20.

Речкоски намали на 22-21 кога имаше да се играат уште пет минути до крајот на мечот, но Стојаноски и Стаменковиќ погодија три пати во серија за 25-21 и ги обезбедија трите бода од тешкото гостување во СРЦ „Билјанини Извори“. Токму овие двајца беа најдобри стрелци со по седум гола за Голден Арт, а кај Охрид се истакна Ристески со 12 погодоци.

Младост Богданци, кој сезонава ќе атакува на висок пласман, победнички се враќа од Кавадарци, 34-25. Поведоа гостите од Богданци со 5-0 и не дозволија домашните ниту еднаш да се заканат и да го загрозат нивното водство. До паузата беше 19-11, а вториот дел беше само формалност. Најдобри на мечот во двата тима беа репрезентативците на Макеоднија. Тимот од Богданци го водеа Каркалашев и Чрчев со по осум гола, додека кај кавадарчани по исто толку дадоа Лазов и Шулески.

Овче Поле ги однесе бодовите од гостувањето кај Вардар, откако славеше со 35-32. На полувреме гостите од Свети Николе водеа со 19-15 и го најавија триумфот. Домаќините во вториот дел намалија во неколку наврати на минус два, но немаа сили да направат пресврт.

Ефремовски даде девет гола за Овче Поле, додека по осум пати стрелаа Цековски и Гичев. Во составот на Вардар се истакнаа Трајановски со седум и Тасевски со шест погодоци. „Црвено-црниот“ тим нема триумф по три одиграни натпревари оваа сезона.

Алкалоид се враќа со бодови од Битола од гостувањето кај Еурофарм Пелистер по триумфот со 40-18, а момците на Љубомир Савевски уште по првиот дел ги обезбедија бодовите, откако имаа плус 10 на паузата, 20-10. Гарбески беше најдобар стрелец со девет гола кај победникот, а по шест пати стрелаа Пецаноски и Крстевски. Во битолскиот тим пет погодоци имаше Христовски.

Прилеп се враќа со голема победа од гостинскиот меч кај Бутел Скопје, 40-39. Прилепчани во првиот дел водеа и со шест гола, но домашните се вратија на минус два до паузата, 20-18. Во второто полувреме Прилеп ја имаше контролата на теренот, а бутелци во финишот успеаја само да го намалат резултатот. Давид Трајкоски беше предводник на Прилеп со 14 гола, а Лажоски и Адамчески имаа по седум погодоци. На домашниот тим не му помогнаа ниту 11 гола на Цветковски, а по девет пати погодија Каевски и Михајловиќ.

Мулти Есенс триумфираше кај Пролет со 29-26 откако постигна три гола во последните пет минути од натпреварот. По 26-26, домаќините не успеваа да погодат ниту еднаш во гостинскиот гол, а казните ги стигнаа преку Димитар Узунчев и Петковски кои стрелаа за три бода од тешкото гостување. Младинските репрезентативци Димевски со 11 и Узунчев со девет беа предводници на Мулти Есенс, а Матеј Јачев даде седум гола за Пролет.

На табелата прв е Мулти Есенс со девет бода, а по шест имаат Пролет, Младост Богданци, Алкалоид и Голден Арт, со тоа што шампионот има и меч помалку.

Младинска машка лига, 3. коло, резултати:

Вардар – Овче Поле 32-35
Еурофарм Пелистер – Алкалоид 18-40
Охрид – Голден Арт 22-25
Пролет – Мулти Есенс 26-29
Бутел Скопје – Прилеп 39-40
Тиквеш – Младост Богданци 25-34
Еурофарм Пелистер 2 – слободен