Екипата на Пролет во натпревар од 9. коло од суперлигашката конкуренција триумфираше на гостувањето во Прилеп кај истоимената екипа со 22:19 и со трите освоени бода остана во игра за едно од местата кои што водат во плеј-оф фазата.
Најзаслужен за победата на Пролет беше голманот Данило Михаљевиќ, кој во клучните моменти полека ги откажуваше домаќините и натпреварот со заврши го 15 одбранети удари.
,,Ова беше многу важна победа, освоивме многу важни бодови, одигравме онака како што требаше од почетокот до крајот, секако имавме падови во одреден период, но сите играчи го дадоја својот максимум во сите 60 минути. Со оваа победа се издигнавме после тешките порази и го покажавме своето право лице, тој кикс во минатото коло против Вардар Неготино е веќе заборавен. Натпреварот беше одличен, им честитам на домаќините, кои исто така беа борбени, ние со победата ги задржуваме шансите за плеј-оф и одиме уште посигурно на следните натпревари. Мислам дека пресудно за добиената битка против Прилеп беше желбата да победиме и дека тој пораз од минатото коло во Неготино беше само еден лош ден. Сега следува ЕХФ пауза, ние ќе продолжиме да се подготвуваме за наредните дуели, следуваат Вардар и Мулти Есенс и во еден од тие натпревари треба да го осигураме учеството во плеј-офот”, изјави Михаљевиќ.
Неговиот колега, младиот Андреј Петковски исто така ги сподели своите впечатоци по освоениот триумф под Марковите Кули.
,,После поразот од Вардар Неготино во минатото коло, не дозволивме да влеземе во лоша серија. Имавме добра подготовка за денешниот дуел, покажавме дека сме поквалитетна екипа на терен, ова за нас беше многу важна победа и веќе со трите бода сме на чекор до пласман во плеј-оф фазата”, изјави Петковски.
Пролет сега на табелата се израмни со Бутел, двете екипи имаат по 15 бода, но тимот на Бутел има натпревар помалку.